Актерката и поранешна градоначалничка на Кисела Вода Билјана Беличанец синоќа е пронајдена мртва во стан во Скопје.
МВР соопшти дека синоќа околу 22.30 часот, во полициска станица Центар, С. М. пријавил дека на ул.„Истарска“ во неговиот стан ја пронашол неговата сопруга Б.Б.А. (45) од Скопје, која си го одзела животот со бесење.
Од страна на Итна медицинска помош е констатирана смрт.
Извршен е увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција.
Беличанец беше актерка во Драмскиот театар во Скопје. Таа беше градоначалник на скопската општина Кисела Вода од 2013 до 2017.
Родена е во 1973 година. Дипломира актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1994). Работи во Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп (1994-1997), а од 1997 година е во Драмски театар Скопје.
Одигра голем број улоги меѓу кои и Маргарет Флаерти („Заводникот од западниот свет“, 1997), Сузана („Свадбата на Фигаро“, 1998), Софија Јегоровна („Платонов“, 1999), Клариса де Бисоњози („Арлекин – слуга на двајца господари“, 1999), Кинегонда/ Газдарица на јавна куќа („Кандид во земјата на чудата“, 2000), Ерика Брукнер („Мефисто“, 2000); Маре („Тетовирани души“, 2001).
Беше дел и ТВ-проектот „Здраво генијалци“ и натсинхронизираше гласови во турски серии.
Има добиено повеќе награди за актерските остварувања, меѓу кои и награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ Прилеп (2009), награда за најдобро актерско остварување за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата на МТФ „Војдан Чернодрински” (Прилеп, 2012).