По поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп, денеска е поведена постапка против жител на Прилеп, на возраст од 36 години, за сторено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од Кривичниот законик.
При извршен претрес во домот на осомничениот во Прилеп, на 20.08.2020 година биле пронајдени 36,4 грама наркотична дрога марихуана, 0,31 грама мешавина од амфетамин и метамфетамин, 0,99 грама амфетамин и 5,77 грама метамфетамин.
Надлежен јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот поради постоење опасност од негово бегство и можност да го повтори кривичното дело. Предлогот беше прифатен од судот, па со решение на осомничениот му е определен притвор во траење до 30 дена.