Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција- Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, ОВР Кичево и ОВР Гостивар приведоа две лица од кичевското село Србица и запленија поголема количина на оружје.
Врз основа на претходна обезбедена наредба за претрес на дом од судија на претходна постапка од Основен суд Кичево се извршени претреси во дом и помошни простории на син и татко Х.И. (27) и А. И.(52) во с. Србица.
При претресите пронајдени и одземени се четири автоматски пушки „калашников“, две полуавтоматски пушки, две пушки, седум рамки за автоматска пушка со куршуми, 12 пиштолски рамки со куршуми, пушкомитролез со добош за муниција ,два митралеза од кои еден митралез марка М 53, а другиот е протиавионски ДСК 12,7 мм со постолје, цевка од тежок митролез, нож бајонет, седум пиштоли, револвер, над 3500 куршуми 11 рачни бомби со запалка, три рачни бомби без запалка, прибор за чистење оружје, футроли, маскирни ранци, маскирни елеци, двогледи и други предмети. Мерките и активностите за расчистување на овој случај продолжуваат и во текот на денешниот ден, а против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави и ќе бидат предадени на јавното обвинителство, соопшти полицијата.