Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, утрово преку социјалните мрежи соопшти дека во неговиот дом влегла финансиска полиција и прави претрес.

– Не ви се плашиме, денес хибридниот режим ќе заврши! Од 5.30 до овој момент во мојот дом упадна и врши претрес Финансова полиција! – напишал на Фејсбук пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата реагираа преку соопштение велејќи дека упадот е „средство за притисоци и уцени врз пратениците“.

Во Собранието со почеток во 11 часот е закажана седница на која треба да се гласа за доверба на Владата.

Од Управата за финансиска полиција потврдуваат дека се прави претрес, но цел на претресот не е пратеникот туку неговиот татко.

– Претрес се прави, но цел не е пратеникот туку неговиот татко. Во моментот кога влеговме кај нив ние воопшто и не знаевме дека се во роднинска врска. Неговиот татко е раководител на секторот за јавни набавки во ЕВН и тој е дел од еден голем предмет на кој работиме – кажа во изјавата директорот Управата Арафат Муареми.

Претресот се прави во Скопје, а имотот, според документацијата, е на име на таткото на пратеникот. За целиот случај Управата најави дека ќе ја информира јавноста преку соопштение во текот на денов.


Финансова: Претреси имаше кај повеќе лица од Скопје и Делчево поврзани со ЕВН

Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу „ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ“ Скопје и повеќе физички лица, соопштија од оваа институција.

– Во рамките на предистражната постапка, а по претходно обезбедени наредби од надлежните судови, во текот на денешниот ден беше извршен претрес кај повеќе физички лица на територија на Град Скопје и Делчево, меѓу кои вработени лица во „ЕВН ЕЛЕКТРАНИ ДООЕЛ“ Скопје и „ЕВН МАКЕДОНИЈА АД“ Скопје, а со цел пронаоѓање на докази во насока на ефикасно водење на предистражната постапка и докажување на основите на сомнение за сторени кривични дела – информира Управата.

Додаваат дека целосно ги демантираат и отфрлаат изјавите на пратеникот Јован Јаулески дека претресот е извршен кај него дома, ниту пак пак кај некој друг претставник на политичка партија.

„Предистражната постапка се однесува на вработени лица во „ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ“ Скопје и „ЕВН МАКЕДОНИЈА АД“ Скопје“, потенцираат од таму.

Апелираат Управата за финансиска полиција да не се злоупотребува за политички цели.