Правниот тим на бизнисменот Јордан Камчев, обвинет во случајот „Плацеви на Водно“, објави реакција во која наведува дека бизнисменот е со влошена здравствена состојба. Тимот се пожали дека судот врз Камчев прави тортура и не го прифаќа понудениот предлог затворскиот притвор да му биде заменет со домашен притвор, и покрај тоа што Вишото јавно обвинителство пред два дена ја прифати гаранцијата што бизнисменот ја понудил.
Во реакцијата на правниот тим се вели дека по четири месеци ефективен притвор, Камчев е со видливо влошена здравствена состојба поради несоодветните медицински и санитарни услови во КПУ Затвор Скопје. По неговото последно влошување на здравствената состојба додека ја издржува мерката притвор, постои голема загриженост за сериозен ризик по неговото здравје, тврдат од правниот тим.
Камчев е притворен од 14 март, поради сомневање за бегство во Бугарија. Тој претходно нудеше гаранција од 1,7 милион евра за да се брани од слобода, која беше одбиена.
Судењето за случајот „Плацеви на Водно“ започнува на 16 јули. Покрај Камчев, обвинети се неговата мајка Ратка Камчева, поранешниот премиер Никола Груевски, Ристо Новачевски, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и Ненад Јосифовиќ.