Драмскиот писател и поет за деца и возрасни Васил Пујовски почина денес, на 72-годишна возраст.
Васил Пујовски е роден на први октомври 1946 година во село Д’мбени, Костурско, со потекло од Егејскиот дел на Македонија. Завршил Филозофски факултет во Скопје, работеше во Македонската телевизија. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија од 1968 година.
Автор е на повеќе дела меѓу кои и „Светот на детскиот сон“ (поезија за деца, 1967), „Пред божји суд“ (поезија, 1969), „Ајде да се дружиме“ (тв-серија за деца, 1985), „Кралот Кускуле први“ (драма, 1992), „Дајте музика“ (поезија за деца, 1994), „Прва лига“ (поезија за деца, 1995), „Ѕвездено дете“ (избор поезија, 1999) и „Ѕверка без мерка“ (поезија за деца, 2000).
Пујовски е автор на голем број македонски хитови од „Макфест“ и „Златно славејче“, како и на „Кога те нема“ која ја пееше Хелена Благне и „Никола, Никола“ на Оливера Лазаревска.