Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинение против поранешен градоначалник на општина Чашка за несовесно работење во службата.
На обвинетиот му се става на товар дека во периодот од јануари 2016 до октомври 2017 година презел дејствија со кои на Општината ѝ нанел штета од значителна вредност, во вкупен износ од 9.472.903 денари.
– Обвинетиот одобрувал исплата на фактури за завршена услуга и за набавени производи од повеќе правни лица со кои не бил склучен ниту договор за јавна набавка, ниту договор за деловна соработка или каков било друг договор. Освен ова, тој одобрувал исплата на фактури за набавка на стоки и услуги кон определени правни лица и по истекот на склучените договори за јавна набавка и во износи поголеми од предвидените во договорите – соопшти Обвинителството.
Иако не донел одлука за потребата за ангажирање на лице – советник за односи со јавноста, во името на Општина Чашка склучил договори за дело со две лица, застапувани од авторска агенција и врз основа на тие договори одобрил исплата на хонорари.
Иако не донел одлука за потребата од ангажман на извршители на маркетинг-услуги, без да спроведе постапка за јавна набавка, во името на Општината склучил договор за деловна соработка како нарачател на маркетинг-услуга чиј предмет било медиумско претставување на Општина Чашка преку разновидни рекламни материјали, а потоа одобрил исплата на фактури по овој договор.
Обвинетиот, во името на Општината, како нарачател на адвокатски услуги, склучил договори со адвокат за застапување и давање адвокатски услуги и со полномошно го овластил адвокатот за застапување на општината во сите судски предмети и пред сите институции со кои општината соработува и остварува контакти. Во договорот за сите застапувања и правни совети била предвидена цена во паушален месечен износ. Иако во договорот бил предвиден и начин на плаќање со доставување фактура и одложено плаќање по извршување на правната услуга во целост, односно во рок од 30 дена по извршената адвокатска услуга во целост, обвинетиот одобрил исплата на доставени фактури без да бидат проследени со доказ за извршената услуга.
Освен ова, по спроведена постапка за јавна набавка и склучен договор за јавна набавка на услуга – мобилни телекомуникациски услуги, обвинетиот донел решение за користење службени мобилни телефони на вработени лица во единицата за локална самоуправа Чашка, при што биле распределени 74 мобилни телефони со СИМ картички, од кои на име градоначалник на Општина биле распределени 20 телефони и броеви.