Проблеми со корумпирани полицајци и цариници имаат речиси сите држави низ светот. Во Британија се откриени повеќе случаи кога полицајци што биле задолжени за спречување шверц и продажба на дрога самите биле шверцери или дилери

КОРУПЦИЈА КАЈ ЧУВАРИТЕ НА ЗАКОНОТ

Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија, Одделение за борба против корупција, во соработка со посебното одделение за сузбивање корупција на Вишото обвинителство во Ниш, уапсиле десет лица, осомничени дека со малверзации прибавиле противправна имотна корист поголема од 19 милиони српски динари. Заради основано сомнение дека извршиле кривично дело злоупотреба на службената положба и злоупотреба на положбата, три лица вработени во српската царина и седум лица вработени во една фирма во Србија, биле уапсени од полицијата.
Постои сомневање дека вработените во царинската управа, за време на уништувањето на запленетите цигари и материјали за цигари, во периодот од декември 2017 до август 2019 година, не ја уништувале целосно запленетата стока. Тие преземале дел од цигарите и им го продавале на вработени во компанија за обезбедување, кои биле надлежни да присуствуваат и да го обезбедуваат процесот на уништување.
Проблеми со корумпирани полицајци и цариници имаат речиси сите држави низ светот, со таа разлика што некои дури и ја препродаваат дрогата што ја заплениле. Па, така, инспекторот Кејт Бутс, вработен во британската полиција, во својата машина за перење алишта имал единаесет килограми кокаин. Во полициската станица каде што работел се чувала запленетата дрога што требало да се уништи. Дел од неговата работа било да ја проверува дрогата и истата таа да ја подготви за уништување. Откако ја украл, тој на своите колеги дури им испраќал електронски пораки дека дрогата ја нема и се заканувал дека ќе остави камери за да се гледа кој ќе влегува во заштитената просторија.

Бутс постојано крадел поголеми количества дрога и ја препродавал на улиците. Соучесник му бил неговиот син Ашли, кој имал добро разработена мрежа на наркодилери. Синот дури илјада пати контактирал со дилерите во период од една година. При претресот на нивниот дом, полицијата открила кокаин, канабис, крек, екстази и хероин вредни 810 илјади евра.
Британија само во 2014 година имала повеќе од три илјади случаи со корумпирани полицајци. Од нив само половина биле соодветно истражени. Половина од 17.200 полициски службеници за едно истражување истакнале дека не веруваат во целокупниот систем. Полицајците се директно вмешани во трговијата со дрога и го прават тоа за поголема заработка.
Друг детектив на висока позиција ја користел единицата за организиран криминал за да дојде до запленетата дрога од три посебно спроведени операции, пред истата таа да биде уништена. Со помош на својот брат, тој заработил повеќе од еден милион евра.
Други двајца полицајци, пак, исто така биле уапсени поради кражба и продавање дрога.

– По спроведената акција, дрогата се става во посебни ќесиња за докази и се сместува во собата за докази под посебен број, додека истата таа не биде повторно потребна како доказ за време на судењето. Секој што има контакт со дрогата мора да се потпише. Но како и секој систем, така и овој има свои мани, па доказите може да се изгубат. Ако на суд немате доказ, случајот паѓа во вода. Откако судењето ќе заврши, дрогата се испраќа во специјален склад за дрога, а оттаму истата таа се уништува. Целата таа операција е надгледувана од страна на долгогодишни полициски службеници.
Стив Мајкл, поранешен детектив, вели дека во полицијата секогаш имало вакви случаи.
– Сме имале случаи кога полициски службеници лично ја препродаваат дрогата на улица, па дури и ги предупредуваат дилерите за патролите што се реализираат – вели тој.

Гледајќи колку пари можат да заработат со одгледувањето канабис, доста голем е и бројот на полицајци што се ориентирале кон одгледувањето канабис.
Двајца полицајци биле уапсени откако кај нив била пронајдена насадена марихуана во големи количества.
– Еден инспектор беше фатен со метамфетамини, друг, пак, на свој колега му нудел помош ако сака да украде дрога, да продава или, пак, да направи простор во својот двор за одгледување марихуана. Трет полицаец, пак, возеше многу скап автомобил благодарение на неговата втора работа како лидер на банда што продавала дрога. Ако сте на кој било начин вмешани во заплената на дрога, работејќи со големи количества скапи психоактивни супстанции, во тој случај шансата е тука, пред вас.

Знаете дека од тоа се заработуваат многу пари и ќе ја искористите. Моралот опаѓа, а бидејќи одземате дрога од дилер, сметате дека не правите криминал. Полицајците мислат дека се недопирливи затоа што ја знаат работата и мислат дека знаат како да се скријат – вели Мајкл.
Според него, искушението со кое се соочуваат некои полицајци е големо и не можат да му одолеат.
Досега во Македонија немало регистрирано вакви појави. Случаи кога полицајците и самите го кршат законот има, но до овие размери сѐ уште не. Така тврдат во македонската полиција.