Бројот на пожарите во Дебарско е рапидно зголемен. Само вчера, Територијалната противпожарна единица интервенирала во гаснење на три големи пожари.
– Пожарите беа во атарот на селата Коњаре и Бомово, како и покрај брегот на Дебарско Езеро. Во селата гореше мешана шума, костенов насад и сува трева. Со максимална ангажираност успеавме навреме да го ставиме под контрола пожарот во Коњаре, каде имаше опасност да биде зафатена викендица. Пламените јазици вчера однесоа во неповрат дел од боровата шума покрај брегот на езерото – вели командирот на дебарската ТППЕ, Џетан Мифтароски.
Боровата шума покрај езерото е засадена пред неколку децении од дебарските гимназијалци во доброволни акции.
Во текот на месецов дебарските пожарникари гаснеле 30 пожари, сите на отворен простор, во атарите на дебарските погранични села, додека лани во март биле регистрирани девет пожари.
Соочени со зачестени пожари во шумските појаси и ниви, како и на други површини на отворен простор, надлежните го повторуваат апелот за поголема внимателност на граѓаните при вршење одредени земјоделски активности и при прошетка во природа.