Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави Обвинителен акт против едно лице, 37-годишен државјанин на Република Србија, кое се товари дека се обидело да изврши кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 10.04.2019 година, на улицата „Орце Николов“ во Скопје, заедно со уште едно засега непознато лице, со провалување се обиделе да одземат туѓ подвижен предмет – автомобил.
-Притоа на наведената адреса дошле со возило – караван со српски регистарски ознаки. Обвинетиот излегол од возилото и со употреба на подесен предмет (штрафцигер) го скршил задното десно стакло на патничко моторно возило Ренџ Ровер, сопственост на правно лице, кое било паркирано во близина. Потоа влегол во автомобилот и со електронски уред за декодирање и клуч за стартување се обидел да го стави во погон. Во тој момент, од блискиот угостителски објект излегол сопственикот и го затекнал обвинетиот во возилото, со што го спречил во намерата противправно да го присвои автомобилот вреден 6.241.800 денари- се наведува во соопшението од ОЈО Скопје.
Бидејќи постојат околности кои и натаму укажуваат дека обвинетиот би можел да се даде во бегство, да го повтори кривичното дело или да влијае врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за продолжување на определената мерка притвор за обвинетото лице.