Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик.
-Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „Опел Аскона“ пристигнале во атарот на с.Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди веднаш починал П.С. 26-годишен жител на Скопје, кој непосредно по кривичниот настан беше пријавен од семејството и се бараше како исчезнато лице. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во с. Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот-соопштија од ОЈО.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот.