Организаторот не се појави на најавениот протест за „Монструм“ кај паркот во Чаир поради најави од Владата за престој на делегации, со што протестот е одложен, пренесуваат медиумите.
Претходно, еден од роднините на осудените за случајот „Монструм“, Бедри Ајдари, кој е и организатор на досегашните протести, кажа дека се работи за недоразбирање и дека овој настан ќе се одржи идниот петок, на 2 април.
Тој вели дека зад денешната најава не стои никој од роднините на осудените и доколку имало некој обид за организирање протести не е поврзан со нив.
– Не знам како се случило ова недоразбирање или дезинформирање. За денеска немаме најавено протести ниту во МВР, ниту, пак, сум известен дека некој од роднините на осудените за „Монструм“, повикува на протести. Нашиот настан е закажан за идниот петок , а за деталите и маршутата на движењето на присутните, дополнително ќе ја информираме јавноста – изјави Ајдари за „Макфакс“.
МВР: Не ги доведуваме граѓаните во заблуда
Министерството за внатрешни работи, пак, ја демантира, како што се вели, лажната објава на социјалните мрежи од лицето Блерим Ахмеди, дека наводно МВР сакало да го доведе населението во заблуда со објавата за најавениот протест, за денеска во 13.30 часот, а во врска со пресудите во случајот „Монструм“.
– Овој протест беше најавен токму од лицето Блерим Ахмеди и МВР ги презеде сите неопходни мерки и активности за обезбедување на протестот, а соодветно и ја информиравме јавноста – се наведува во соопштението на министерството.