Сторителите на кривични дела бегаат во различни држави

Постојат осум видови потерници, од кои седум се означени со одредена боја во зависност од целта за која се издаваат. Па, така, постојат црвена, сина, зелена, жолта, црна, портокалова и виолетова. Најпозната е црвената потерница, која се користи за меѓународни апсења. Осмата специјална потерница се издава по барање на Советот за безбедност на Обединетите нации

Добрата меѓународна соработка ги изведува криминалците пред лицето на правдата

Според некои експертски согледувања и проучувања, речиси секое лице што имало намера или пак извршило кривично дело за кое му се заканува затворска казна, сигурно барем еднаш помислило да избега во некоја друга држава каде што ќе го продолжи својот живот без да биде под постојан стрес дека полицијата ќе го пронајде. Но бегството не е некоја сигурна гаранција. Европските држави преку Интерпол соработуваат заеднички и институционално за секој криминалец да го добие заслуженото, односно да одговора за стореното кривично дело. Затоа постојат потерниците благодарение на кои многумина од криминалците се изведени пред лицето на правдата.

ВО ИНТЕРПОЛ ИМА 62 ИЛЈАДИ АКТИВНИ ПОТЕРНИЦИ

Доколку во Интерпол за некое лице што се гони за криминално дело пристигне барање за црвена потерница од страна на земја-членка на оваа организација, тоа значи дека матичната земја на лицето за кое истата таа е издадена, бара лоцирање и апсење на криминалецот од страна на државите членки во Интерпол.
Во моментот во Интерпол има околу 62 илјади валидни црвени потерници, од кои седум илјади се јавни. Овие потерници не се налози за апсење, а се издаваат за криминалци бегалци од законот или, пак, за издржување одредена затворска казна. Матичните држави на сторителите на кривични дела не се единствените што бараат вакви потерници за криминалците, односно тоа го бара секоја држава во која одредено лице извршило некакво кривично дело.

Пред истата таа да биде објавена од страна на Интерпол, секое барање поминува низ проверка во специјалните служби на организацијата за да се утврди почитувањето на правилата и прописите според кои функционира организацијата. Независно колку релевантни докази и податоци приложила земјата барател на известувањето, истото тоа нема да биде објавено сѐ додека службите не ја извршат потребната проверка.
Криминалците за кои се издава црвена потерница не се бараат од страна на Интерпол, туку од одредена земја или, пак, од меѓународен суд. Црвените потерници се доста важни затоа што ги известуваат сите полициски сили во земјите дека една земја-членка има бегалец по кој трага. На тој начин полициите во другите земји можат да бидат претпазливи и да ја искористат потерницата за да го поддржат процесот на екстрадиција.
Црвените потерници помагаат криминалците да се изведат пред лицето на правдата, иако понекогаш за тоа поминуваат и повеќе години откако тие го сториле кривичното дело.

ЛАНИ И ГОДИНАВА ВО ЗЕМЈАВА ЕКСТРАДИРАНИ 120 ЛИЦА

Според Министерството за внатрешни работи, сторителите на кривични дела од Македонија бегаат во различни држави претежно во земји на Западна Европа, но „најомилена“ дестинација им е Германија.
– Сторителите на кривични дела бегаат во различни држави, за што говори и фактот дека во изминатиот период во повеќе држави се лишуваат од слобода за екстрадиција во Република Северна Македонија – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека во Германија се наоѓаат лица по кои трагаат.
– Благодарејќи на добрата соработка со германските надлежни институции сѐ поголем е бројот на лицата што се приведуваат и екстрадираат во нашата земја. Покрај Германија, лицата се лишуваат од слобода и во Австрија, Италија, Унгарија, Србија, Албанија, Грција, Косово, Црна Гора, Белгија, Швајцарија и други европски земји – информираат од МВР.

Од МВР истакнуваат дека лицата по кои трага земјава со меѓународна потерница се најчесто сторители на кривични дела кражба, насилство, тешка телесна повреда, недозволена трговија со дрога, а има и за убиство, обид за убиство, разбојништво и други потешки кривични дела.
– До 2017/2018 г. биле екстрадирани околу 60 лица на годишно ниво. Додека во 2019 и 2020 г. биле екстрадирани повеќе од 110/120 лица – информираат од Министерството за внатрешни работи.

[email protected]