Совет од судии за оценка на обвинителениот акт за организаторите на настаните од 27 април во Собранието, на 4 ноември закажа седница за оценка на која веќе се повикани странките во постапката, соопшти судот попладнево.
-Беа закажани неколку седници за оценка на кои одбраната, иако претходно го знаеше составот на советот и закажаните термини за седница, непосредно пред седниците бараше изземање на судиите бидејќи истите судии претходно постапувале во оценка на други обвинителни акти поврзани со конкрентиот кривично – правен настан. За овие барања се утврди дека се основани и истите беа уважени. Со оглед да со овие барања беа изземени осум од деветте судии во Одделението за организиран криминал и корупција, а со цел да се спречат сите понатамошни одолговлекувања на постапката, предизвикани од странките во постапката, актот согласно АКМИС системот беше распределен на оценка кај совет од судии од одделот Кривично – полнолетни и за истото беше известен Судскиот совет на РСМ – соопшти судот.
Во предметот обвинети се Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Владимир Атанасовски како организатори на настаните. Груевски не е обвинет во овој предмет бидејќи е недостапен за Обвинителството по бегството во Унгарија.