Кривичниот суд во Скопје информира дека главната расправа за предметот „Тортура“ ќе се одложи до март. Според судот, нема да се одржи ниту денешната расправа, како и судењето закажано за 26 февруари, а сите наредби и покани ќе бидат отповикани.
Мерката се носи бидејќи дел од обвинетите и нивните бранители се опфатени во предметот „Таргет-тврдина“, и кој е во фаза на завршни зборови, а треба да се одржи во исто време.
Следната расправа за „Тортура“ ќе се одржи на 8 март за што веќе се известени странките во постапката, соопшти Основен кривичен суд Скопје.
Предметот „Тортура“ се однесува на начинот на апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година. Во „Тортура“ заедно со Сашо Мијалков се обвинети и поранешниот прв човек на единицата „Алфи”, Ивица Антевски-Пуки, и уште петмина припадници на единицата.
Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.