Изземање на судијката Даниела Алековска поради „селективно“ водење на записникот, побараа адвокатите на одбраната на денешното рочиште за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски.
Барање за изземање побара адвокатот Насер Рауфи, откако на негово прашање на сведокот Миле Алексовски во однос на неговиот исказ во обвинителството каде кажал дека „Никола удрил во метална кутија кога паднал“, судијката Алексовска рече дека „паднал до сандачето, а можеби и го закачил сандачето“.
Во тој момент Рауфи побара изземање на судијката Даниела Алексовска со цел да спречи да не биде казнет и дека записникот го водела селективно.
Претходно судијката Даниела го предупреди адвокатот Рауфи дека навредил една од поротничките која постави прашање до обвинетиот, со зборовите “да не си глува”.
На денешното рочиште за убиството на дваесетгодишниот Никола Саздовски исказ дава сведокот Миле Алексовски. Тој во судница ги препозна Бесир Беља и Скендер Демири, кои според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.
– До мене беше покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав остајте го детето ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај колата „мерцедес“, а едниот го удри со нога на вратот. Ја запалија колата и отидоа, истакна сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.
Претходно обвинителот побара исклучување на јавноста поради вознемиреност на сведокот, но судечкиот совет го одби барањето.
Јавниот обвинител Ангел Фидовски, во воведен говор, кажа дека ќе докаже оти двајцата обвинети Бесир Беља и Скендер Демири заедно со третообвинетиот, кој е во бегство, со умисла го лишиле од живот Никола Саздовски на начин што на 29 јуни годинава на автобуската кај „Алкалоид“ го претепале нанесувајќи му смртни повреди.
Адвокатите од одбраната посочија дека ќе докажат дека правната квалификација на делото е погрешна.
Двајцата од напаѓачите, Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот, кој се уште е недостапен за органите на прогонот распишана е домашна и меѓународна потерница.