Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против 47-годишник, кој на 28 март извршил тешка кражба во близина на полициската станица „Бит-пазар“.
Како што информираат од обвинителството, 47-годишникот провалил во автомобил „ауди“ на булеварот Никола Карев, при што одзел пари, банкарски картички, две службени легитимации од МВР и картичка за влез во МВР, како и други предмети во вкупна вредност од 50.000 денари.
Кога ја забележал оштетената како ја остава чантата на задното седиште и го заклучува автомобилот, обвинетиот употребил апарат за блокирање на сигналот и системот за затворање, со што спречил да се заклучи вратата на автомобилот.
Кога оштетената се оддалечила, тој влегол во возилото, ги одзел наведените предмети и избегал.
Јавниот обвинител до судот доставил и предлог за определувањем притвор за 47-годишникот.