Поранешна заменичка на осомничената Катица Јанева, обвинителката Елизабета Јосифовска, се очекува да сведочи на денешното рочиште за случајот „Рекет“.
Јосифовска се спомнува во видео-снимките објавени од италијанскиот весник „Ла веритас“, во врска со враќање на пасошот на бизнисменот Орце Камчев, кој беше осомничен во предметот „Империја“.
Таа потврди дека го потпишала позитивното мислење за враќање на пасошот на Камчев, но тврдеше дека одлуката била на Јанева, посочувајќи оти таа, како нејзина заменичка, била должна да ја потпише.
Јанева претходно најави дека ќе ги повика обвинителите од СЈО како сведоци на одбраната.
На првото рочиште за „Рекет“, што се одржа на 3 декември, третообвинетиот Зоран Милески – Кичеец беше осуден на три години затвор откако призна вина за случајот, по што предметот за него беше одвоен од оној против Јовановски и Јанева.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против Јовановски, Јанева и Милески, во октомври. Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Обвинителството отвори нова истрага во рамките на случајот, која се однесува на Меѓународниот сојуз на Јовановски.