Четворицата обвинети истакнаа дека не чувствуваат вина на денешното рочиште за „Меѓународен сојуз“. Првообвинетиот Бојан Јовановски познат како Боки-13, одговори дека „не ги разбира баналностите во обвинението, но не се чувствува за виновен“, на прашањето дали се чувствува виновен за делата од обвинението за невладината организација „Меѓународен сојуз“. Покрај Јовановски, обвинети се и заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, Фросина Ременски, асистентката на Јовановски Христина Блажевска и неговиот татко Миле Јовановски. Невладината организација е обвинета и како правно лице.
Обвинителката Вилма Русковска во воведните зборови истакна дека хуманитарната организација „Меѓународен сојуз“ била лажно формирана како да е под покровителство на ЕУ, а злоупотребена за да се измамат бизнисмени.
Јовановски и Ременски побараа изземање на Русковска од овој предмет, на првото рочиште одржано на 1 јули. За ова барање денеска треба да се произнесе републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
Јавното обвинителство претходно соопшти дека со дејствијата опишани во обвинението за кривичното дело „измама“ се товарат првоосомничениот Бојан Јовановски, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Обвинителството тврди дека обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект за изградба на старечки домови.