Непознати сторители синоќа во Струга ги осквернавиле бистите на македонските поети Анте Поповски и Славко Јаневски. Бистата на Поповски била фрлена во водите на Охридското Езеро, а онаа на Јаневски е оштетена.
– Најостро го осудуваме вандалскиот чин на сквернавење на бистата на еден од најистакнатите македонски поети Анте Поповски, којашто беше откорната и фрлена во крајбрежјето.
Настанот е пријавен во полиција, извршен е увид и очекуваме сторителот да биде најден и против него да биде поднесена пријава. Апелираме за елементарна почит кон ликот и делата на македонските поети што се вградија во основањето на еден од најпознатите светски поетски фестивали.
Не сакаме да претпоставиме дека аналфабетите вандали што го извршија овој чин воопшто имаат претстава дека денес 1 октомври се навршуваат 18 години од смртта на Анте Поповски.
Бистата привремено ќе биде отстранета за да се извршат потребните технички зафати за нејзино поцврсто фиксирање на постаментот за да се оневозможат ваквите вандалски чинови! – напиша на Фејсбук директорот на „Струшки вечери на поезијата”, Тодорче Расевски.