Една година по грозоморното убиство на својата сопруга Емануела, Илија Дарков повторно ја шокира битолската јавност. Без да ја почека пресудата на Апелацискиот суд за свирепото убиство што го направи, Илија вчераутро во битолскиот затвор сам си пресуди и си го одзеде животот
Кога пред нешто повеќе од една година битолчанецот Илија Дарков (53) ја уби својата сопруга Емануела Даркова, битолчани беа згрозени од начинот на кој тој ја уби својата шест години помлада сопруга. Една година по грозоморното убиство на Емануела, Илија Дарков повторно ја шокира битолската јавност. Без да ја почека пресудата на Апелацискиот суд за свирепото убиство што го направи, Илија вчераутро во битолскиот затвор сам си пресуди и си го одзеде животот. Засега нема никакви детали за смртта на Илија. Во отсуство на подетални информации од битолскиот затвор, не се познати ни причините за неговата смрт, како ни начинот на кој тој си го одзел животот.
Откако од Управата на битолскиот затвор било известено за немилиот настан и лекарите на брзата медицинска помош ја утврдиле смртта, обвинителството нареди обдукција на телото на Илија. Обдукцијата треба да даде одговор на прашањата на кој начин Илија си го одзел животот. Со оглед на тоа што лекарот од судска медицина Зоран Котевски, кој треба да ја врши обдукцијата, вчера беше службено зафатен со судење во Прилеп, тој нѐ информира дека обдукцијата ќе ја прави наредниот ден. – Јас немам никакви информации ни кој се обесил, ни како се обесил. Единствено што можам да кажам е дека од обвинителството ми се јавија дека треба да правам обдукција, па ја закажав за утре – ни изјави лекарот по судска медицина Зоран Котевски.
Ниту во битолскиот затвор не сакаа многу да зборуваат за немилиот настан. Откако на службениот влез им соопштивме зошто сме дојдени, тие нѐ упатија за самоубиството на Илија Дарков да се обратиме до Управата за санкции во Скопје, а управникот на затворот цел ден го имаше исклучено службениот мобилен телефон. Никакви детали за смртта на Илија не можевме да обезбедиме ни од станарите во станбената зграда каде што пред убиството на својата сопруга Емануела живееше Илија. Во разговор со некои од станарите дознавме дека веднаш по убиството, кое Илија минатата година го изврши врз неговата сопруга, во нивниот стан се вселиле луѓето на кои Илија им должел пари, а ќерката на Илија ја зел со себе неговиот брат и ја однел во Америка. Инаку, да потсетиме, Илија Дарков минатата година кон средината на март со сукало ѝ ја искршил главата и до смрт ја претепа својата сопруга Емануела Даркова (47), со која бил во трет брак. Иако оттогаш измина нешто повеќе од една година, сѐ уште битолската јавност не дозна кои беа вистинските мотиви и причини тој да се одлучи да ѝ го одземе животот на својата сопруга, со која сите мислеа дека се во добри односи. Веднаш по убиството, Илија лажно пријавил во СВР-Битола дека наводно додека тој пазарел во продавницата, некој влегол во станот и ја убил неговата сопруга. Но иако Илија се обидел вешто да го скрие монструозното убиство, сепак полицијата веднаш се посомневала во неговата приказна.
Мошне брзо потоа Илија ја „отворил“ душата и наводно признал дека тој ја убил сопругата поради тоа што таа не сакала да позајми пари од нејзините најблиски роднини што живееле и работеле во САД, за да ги врати долговите што ги имал и да го плати станот што пред тоа го изгубил на коцка. На инспекторите им паднало сомнително што во станот не забележале расфрлени предмети, што е карактеристично за евентуален упад на лица со материјален мотив, односно не го зеле во обѕир разбојништвото како мотив. Во насока на таквото размислување бил фактот дека во станот имало лаптопи, мобилни телефони и други вредни предмети. Од страна на крим-техниката, пак, не биле констатирани траги од насилно влегување во станот. Предметите и трагите, како и комплетната облека на пријавениот, биле подигнати и испратени на вештачење во МВР. На облеката на осомничениот биле забележани траги на крв, особено во долниот дел на облеката, што упатувало и оставило сомнеж дека тој би можел да биде убиецот. Според наодите на полицијата, причина за убиството биле нарушени меѓусебни односи. Тие што го познаваат Илија, кој, патем, потекнува од мошне богата стара битолска фамилија, тврдеа дека Илија, кој пред тоа живеел во САД, Канада, во настојувањето да спечали пари се иселил од Битола и заминал во Словенија.
Откако по неколку години поминати во Словенија се вратил во Битола, тој се венчал со Емануела, со која имал четиригодишна ќерка. Иако и тој и Емануела беа материјално ситуирани и богати наследници, сепак Илија поради коцкарски долгови западнал во тешкотии и не само што изгубил доста големи суми пари туку го изгубил и станот. Утрото пред да ја убие Емануела во неговиот стан, во Нова Битола, кај „Декорпод“, дошле извршители за да го испразнат станот. Но Илија се противел на тоа. Во критичниот момент наводно тој ѝ рекол на сопругата да им се јави на нејзините во Америка да им дадат на заем пари за да ги плати Илија долговите. Но таа се спротивставила на тоа, по што Илија наводно збеснал и сурово ја убил со сукало. Сега, по неговата смрт, јавноста во Битола остана посиромашна за вистинските информации за тоа кои биле причините што Илија ја убил Емануела, а и зошто утринава посегнал по својот живот. Овој пат неговата пресуда беше побрза од пресудата на судот. Вистината за убиството на Емануела и за неговото самоубиство тој ја однесе со себе.