Со доказна постапка во која ќе бидат преслушани два телефонски разговори, на 6 јули ќе продолжи рочиштето по предметот „Титаник 2“, во кој денеска одбраната даде воведни зборови.
Во овој предмет на СЈО обвинети се лидерот на ДПА Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Бранителот на обвинетите Тачи и Ибраими рече дека ќе докажат дека немало поттикнување, односно Тачи не му сугерирал на Бедредин да гласа по приговори на ВМРО-ДПМНЕ, како и дека ќе докажат дека истите избори за кои е покренато обвинението, не се повторени и не е направена материјална штета колку што ја прикажало СЈО.
Според поранешниот член на ДИК Бедредин Ибраими СЈО со невистинити докази успева да направи правна конструкција. Тој во воведниот говор рече дека ДИК не повлекла никаква одлука на листа на кандидати на локалните избори. За него илеревантни се сите телефонски или кафански разговори бидејќи одлуката ја донел согласно сите законски процедури и стои позади нив.
Адвокатот Боро Тасевски, бранител на Влатко Сајковски, истакна дека не постои логичен редослед на настаните за кои обвинетиот како член на ДИК нема никаква обврска со дејствијата кои му се ставаат на товар.
– Ќе докажеме дека се обвинува за некакво гласање кое му е законска должност- додаде Тасевски.
Одбраната на Сашо Срцев, Димитар Дангов, смета дека обвинетиот и да сакал, не можел да го стори кривичното дело за кое се товари. Кревањето рака за давање глас, според Дангов, не е одлука, туку само глас. Како и во претходни предмети каде што Дангов е бранител, истакна дека аудио снимката која е предложена за доказ е прибавена незаконито од страна на СЈО и не можело да ја користи заради прибавување на други докази.
Бранителот на Анета Стефановска рече дека овој суд нема право да ја оценува одлуката на ДИК и според Законот не може да цени дали таа одлука е добра или лоша, а тоа може да го прави само Управниот суд.
Воведни зборови не даде нити обвинетиот Сашо Мијалков ниту неговата одбрана, иако судот му го дозволи тоа.