Со давање исказ на сведокот Абдул Фета Аљими, кој е донесен од притвор, во Кривичниот суд денеска продолжи судскиот процес за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Пред судот денеска искази треба да дадат и сведоците Мухамед Зекири и Игор Јанакиев.
На претходното рочиште, што траеше шест часа, беа сослушани тројца сведоци, претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и пратеникот на СДСМ Александар Кирацовски.
Во овој случај обвинети се Кире и Цео Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.