Првиот осуден во случајот „Рекет“, Зоран Милески-Кичеец, кој на почетокот ја призна вината и доби затворска казна од три години, денеска треба да се јави на издржување на затворската казна.
Бидејќи денес е неработен ден, Милески за издржување на казната треба да се јави во истражниот затвор во Шутка во текот на утрешниот ден или во среда. Тој досега не побарал одлагање на казната по никој основ.
– Ќе се јавам за издржување на казната, барање за одлагање немам поднесено – изјави Милески.
Милески делото го призна на првото рочиште од предметот, во кое неправосилно осудени се Бојан Јовановски-Боки 13 на девет, а Катица Јанева на седум години затворска казна.
Тој бил посредник во средбите помеѓу Боки 13 и Ана Камчева, сопругата на Орце Камчев. На средбите, тие земале и барале пари со цел Камчев да добие поблаг третман во случајот „Империја“.