Седуммината борци на ИСИС по потекло од Македонија кои вчера МВР ги приведе, биле лишени од слобода на Меѓународниот аеродромот-Скопје.
Од МВР за МИА појаснуваат дека терористите, за кои имаше потерница, биле донесени со авион од американската војска и биле предадени на Министерството за внатрешни работи.
– Моментот на нивно лишување од слобода настапува по потврдувањето на нивниот идентитет, а тоа се случи на аеродормот во Скопје, изјавија од МВР за МИА.
Партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, седуммината македонски државјани ги уапсила во Сирија, под основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак.
Во текот на денот имаше реакции на опозициските политички партии на информациите што од МВР излегоа во врска со овој случај во текот на вчерашниот ден и особено по денешните написи во американските медиуми за местото на нивното приведување.
Станува збор за македонските државјани С.Р. 1990, Џ.А. 1993, Б.Ф. 1994, О.Ж. 1987, Е.О 1994, И.Ш. 1977, А.М. 1995, за кои е распишана меѓународна потерница и за кои според член 322а и 394а од Кривичниот законик на Република Македонија се поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016).