Полицијата поднесе кривична пријава против М.М.(47) од Куманово за сторено продолжено кривично дело „употреба на исправа со невистинита содржина“, кој е осомничен дека противправно се стекнал со факултетска, магистерска и докторска диплома и со нив стасал до ангажман како професор на Факултетот за правни науки во Свети Николе и аплицирал за полагање правосуден испит.
За тој случај е поднесена кривична пријава и против Б.Р.(46) од Скопје за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, В.М.Н.(58) од Скопје за „фалсификување службена исправа“, како и за А.И.(38) од Штип за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Б.Р., како раководител на студентски прашања на Универзитетот „ФОН“ Скопје во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинити податоци дека тој, инаку главен инспектор во отсекот за странци и реадмисија во Регионален центар за Гранични работи „Север“, положил испит, по што изготвила уверение и го дала на потпис и потврдување кај деканот на Факултетот за правни науки и ректорот на универзитетот.
Со тоа му овозможила противправно да се стекне со диплома за завршен прв циклус на студии. По ова М.М, и покрај тоа што знаел дека уверението и дипломата содржат невистинити податоци, ги употребил при запишување втор циклус на специјалистички студии и втор циклус магистерски студии на Факултетот за правни науки при Универзитетот ФОН Скопје.
Во текот на магистерските студии Б.Р. повторно во електронското и материјалното досие на М.М. внела невистинит податок дека тој положил испит, и покрај тоа што професорот не ја впишал оценката и не ја потпишал пријавата, со што му овозможила противправно да се стекне со уверение за положени испити од втор циклус и диплома за магистер по правни науки. М.Н., тие уверенија и дипломи, и покрај тоа што знаел дека содржат невистинити податоци во повеќе наврати ги употребил приложувајќи ги како доказ за завршено образование во персоналното досие во МВР на РМ, а со намера врз основа на таквите дипломи и уверенија полесно да напредува во службата и системот на кариера во МВР.
Во 2011 година уверенијата и дипломите повторно ги употребил при запишување докторски студии на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, при што навел уште еден лажен податок дека во 1994 година дипломирал на Природно-математичкиот факултет при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Во декември 2013 година, пак, дипломите ги употребил во приватната високообразовна установа за бизнис студии „Еуро Колеџ” во Куманово при постапка за избор на доцент во наставнонаучна област „менаџмент во царина и шпедиција и друго“, а во текот на 2014 година и 2017 година ги користел во постапка за добивање согласности за вршење дополнителна дејност во МВР на РМ.
М.М. во 2015 и 2016 година со дипломите аплицирал за ангажман како професор на Меѓународниот славјански Универзитет „Гаврило Романович Државин“ во Свети Николе каде бил ангажиран како професор за што во текот на 2015, 2016 и 2017 година му бил исплатен надоместок во износ од 272.300 денари. Тој минатата година спорните дипломи ги употребил и при аплицирање за полагање правосуден испит во Министерството за правда.
Според пријавата, четвртопријавениот А.И., како декан на Факултетот за правни науки при Меѓународниот славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“-Свети Николе-Битола ги ставил во сила одлуките за избор на М.М. како професор, иако знаел дека се несоодветни со подрачјето и областа на која докторирал, со што постапил спротивно од Законот за високо образование и му овозможил да се стекне со противправна имотна корист во вкупен износ од 272.300 денари.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, на 8 февруари годинава третопријавената В.М.Н., како советник-државен просветен инспектор, при вонреден инспекциски надзор на универзитетот ФОН Скопје, во соработка со инспектори од МВР, при увид во електронското и материјалното досие на првопријавениот составила лажен записник кој го заверила и потврдила со свој потпис и печат од Државниот просветен инспекторат.