Случаите на кражби од банкомати се сѐ почести. Тие не се новитет ниту во нашата земја. Кај нас дури сѐ уште има и случаи во кои крадците успешно го крадат целиот апарат (банкомат) и со возило го носат до локации каде што го демолираат
БАНКОМАТИТЕ СЀ ПОЛЕСЕН ПЛЕН ЗА КРИМИНАЛЦИТЕ
Банкоматите се можеби статистички една од најлесните цели за криминалните групи, но и за поединци. Кражбата од банкомат се чини дека е лесна криминална цел, затоа што нема луѓе задолжени за нивно обезбедување, нема полиција, ретко има сигурносна електроника или има таква што лесно се онеспособува. Едноставно, според експертите по криминалистика, на криминалците полесно им е да се „справат“ со банкоматот, бидејќи се најмали шансите да бидат откриени, дури и да не успеат да ги украдат парите од него. Токму поради тие причини расте и бројката на „нападнати“ банкомати, не само во земјава туку и во светот. Статистички, ова криминално дело има најбрз раст во целиот свет, а за него, и покрај многу новововедени безбедносни мерки, сѐ уште не е пронајдено ефикасно решение за банките да можат да си ги заштитат финансиските средства.
ОГРАБУВАЧИ НА БАНКОМАТИ УКРАЛЕ 230 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД НАЈМАЛКУ СЕДУМ ДРЖАВИ
Со поддршка на Европол, полската полиција успешно уапси две лица, кои се нарекувале „Блек бокс“ и на кои цел им биле банкомати на кои поврзувале електронски уреди и успешно ги празнеле сите финансиски средства од нив.
Двајцата осомничени се од Белорусија, а биле уапсени минатиот месец.
Истрагата покажала дека двајцата осомничени извршиле десетици напади на банкомати во најмалку седум европски држави, од каде што украле 230 илјади евра во готово. Криминалците секогаш напаѓале еден модел банкомат, од кој точно знаеле како да ги извадат парите.
Тие добивале пристап до банкоматите така што правеле дупки во нив или топеле делови за да успеат да ја конектираат банкомат-машината со лаптоп, кој потоа бил користен за да испраќа команди на банкоматот за да ги извади сите пари во него. На тој начин противправно се стекнувале со поголема финансиска корист.
БАНКОМАТ-КРАЖБИТЕ НЕ СЕ НОВИТЕТ НИТУ ВО ЗЕМЈАВА
Случаите со кражби на банкомати не се новитет ниту во нашата земја. Кај нас дури има и случаи во кои крадците успешно го отстрануваат банкоматот и со возило го носат до непознати локации. Само годинава во земјава се регистрирани неколку вакви случаи.
На средината на минатиот месец, четири лица влегле во маркет во Аеродром и со примена на сила успеале да го украдат поставениот банкомат.
Во март, пак, во Тетово беше испразнет банкомат, од кој беа одземени 1,3 милион денари.
Во февруари годинава, полицијата уапси лице од Косово затоа што било фатено при обид за извршување кражба од банкомат во Куманово.
Во земјава има и случаи во кои граѓаните ги губат картичките за банкомат, а доколку тие завршат во погрешни раце, лесно можат да бидат ограбени.
– Ја имав изгубено картичката за банкомат, а тој што ја нашол се обидел да вади пари од неа. За среќа, навреме ја блокирав, за да не може да се користи повеќе – вели Лилјана Христоска.
Од тие причини, многумина ги избегнуваат банкомат картичките. Велат дека им претставуваат ризик вадењето пари од банкомат.
– Јас сум пензионер, стар човек. Кај нас сѐ е можно, можеме да заборавиме и да ја оставиме картичката во банкоматот, може да ја изгубиме, да ја фрлиме… Поради тие причини, кога ја вадам пензијата, си чекам ред во банка, за да спречам главоболки и за мене и за моите домашни – вели Милош Димоски.
ГЕРМАНИЈА МАКА МАЧИ СО КОНТРОЛИРАНО МИНИРАЊЕ БАНКОМАТИ
Германија, пак, се соочува со разнесување на банкоматите со експлозив од страна на криминалците.
Минатата година биле регистрирани повеќе од 400 разнесувања на банкомати во земјата, со што 2020-та е година рекордер во вакви криминални дела.
Претходно рекорден број разнесувања имало во 2018 година, кога биле разнесени 370 банкомати, а во 2019-та биле разнесени 349 банкомати.
Дури во 160 од случаите на разнесување, криминалците успевале да ја постигнат целта и да дојдат до парите во банкоматите и да ги украдат. Во другите случаи криминалците и немале многу среќа, односно не успеале до тој степен да ги оштетат банкоматите за да ги ограбат.
Најголемиот дел разнесени банкомати се во Северна Рајна-Вестфалија, а најактивните криминалци на ова поле се од Холандија, Романија и од Молдавија.
СО ДЕТОНАЦИЈА СЕ ОБИДЕЛЕ ДА ОГРАБАТ БАНКОМАТ ВО ХРВАТСКА
Страшна детонација одекна пред неколку дена околу еден часот по полноќ во Хрватска, поради што морале да интервенираат и пожарникарите за да го изгаснат пожарот. Непознати сторители се обиделе да ограбат банкомат што се наоѓал во склоп на продавница во Загреб, но во еден момент во продавницата избила огнена стихија, која за само неколку минути ја покосила внатрешноста на продавницата.
Среќа во несреќа е што во инцидентот нема повредени, а пожарникарите брзо го ставиле огнот под контрола.
Полициската истрага треба да покаже под кои околности се случил инцидентот и дали можеби се украдени пари од банкоматот.