Полицијата поднесе кривична пријава против АД „Водостопанство“ на Македонија и раководител на сектор за речен слив и речни корита поради смртта на 15-годишното момче кое лани се удави во Пчиња. Според информаците на МВР, детето при капење пропаднало во реката во длабнатина направена при ископ на речен песок и чакал, а местото ниту било обележано ниту било обезбедено, иако компанијата била должна да го направи тоа.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против К.М.(54) од Скопје и АД „Водостопанство“ поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешки дела против општата сигурност“.
Првопријавениот, како раководител на сектор за речен слив и речни корита во АД „Водостопанство“ и АД „Водостопанство“, по добивање на дозвола за вадење песок, чакал и камен од река Пчиња, на делница Шупли Камен, заради уредување на режимот на водите, на 31.01.2018 склучиле договор со фирма од Скопје за продажба на истиот материјал затоа што немале можност за складирање на материјалот.
– Притоа, тие не презеле превентивни безбедносни мерки, односно не биле поставени табли со известување за изведување на активности за црпење на речен материјал, немало поставено заштитни ленти, ниту пак табли за предупредување. По барање од ОЈО бил извршен увид на наведената парцела и од Државен инспекторат за животна средина бил изготвен записник од извршен инспекциски надзор од 01.10.2019, каде биле констатирани и други нерегуларности кои ги навеле во записникот – соопштија од МВР.
Со ваквото однесување на пријавените, се додава во соопштението, на 18 август минатата година, во село Шупли Камен, во близина на сепарација на река Пчиња Шупли се случил немил настан – давење на малолетното лице од село Љубодраг, кумановско, односно лицето при капење на необележаното и необезбеденото место пропаднало во река Пчиња во длабнатина направена при ископ на речен песок и чакал.