ТРОЈНОТО УБИСТВО ВО ЗАГРЕБ ШТО ГИ ПОТРЕСЕ ХРВАТСКАТА ЈАВНОСТ И РЕГИОНОТ
Ужасното злосторство во кое насилно им беше одземен животот на три малолетни деца во Загреб, вечерта на 24 септември, во ноќта помеѓу петокот и саботата, силно ја потресе не само хрватската туку и јавноста во регионот. Осомничен дека ги убил децата е таткото, 56-годишен австриски државјанин, кој потоа се обидел да се самоубие проголтувајќи повеќе од 100 апчиња.
Околу два часот по полноќ, во стан во загрепската населба Млинови, полицијата пронајде три задушени деца и нивниот татко, кој по извршувањето на грозоморниот чин се обидел да се самоубие, а претходно имал оставено писмо на социјалните мрежи, во кое навел дека девојката го оставила бидејќи неговата поранешна сопруга била лоша кон неа, како и дека останал без пари. Исто така, тој ги спомнал и своите пријатели и „браќа“ од масонската ложа.
Станува збор за Австриецот Харалд Копиц, финансиски консултант што работел во неколку угледни австриски компании и кој во Виена има своја приватна консултантска фирма. Неговата состојба сега веќе е стабилна и по три дена минати во болница со полициска придружба бил префрлен на Клиниката за психијатрија во Врапче, а потоа бил однесен на распит во криминалистичката полиција.
Пред полицијата, таткото монструм изјавил дека му е жал што сѐ уште е жив, дека долго време бил без работа, дека должел пари за киријата за станот, дека немал каде да оди, па решил да си го одземе животот, но и животите на трите деца за да „не биде сам кога ќе умре“.
На мајката на убиените деца ѝ беше пружена помош за стабилизација на состојбата во психијатриската болница во Дубровник. За време на убиството, таа не била во Загреб, туку во Неум со својот сегашен партнер, а децата викендот го минувале со својот татко – австриски државјанин што живее и работи во Загреб. Според хрватските медиуми, родителите на децата биле разведени, па тие требало викендот да го поминат со својот татко.
Загрепската полиција излезе со официјално соопштение, во кое се вели: „На местото на настанот беше пронајден 56-годишен маж со нарушена здравствена состојба и три деца што не даваа знаци на живот. По доаѓањето на итната медицинска помош, потврдено беше дека децата починале од насилна смрт, додека мажот беше однесен во КБЦ „Сестре милосрднице“, каде што е задржан на лекување“.
Во јавноста протекуваат сè повеќе детали од трагедијата. Така, „Вечерњи лист“ пишува дека мажот им дал на децата да се напијат коктел од лекови. Кога почнале да се будат, започнал да ги дави. Потоа ги пренел во дневниот престој, а околу нив, како што пренесува весникот, ги наместил нивните играчки.
Од друга страна, хрватски „Индекс.хр“ пишува дека обдукцијата не дала одговор на клучното прашање за смртта на трите деца – седумгодишни близнаци (братче и сестриче) и четиригодишно момче.
Имено, истражителите, кои на почетокот веруваа дека децата се усмртени со задушување, сега сè почесто ја спомнуваат верзијата дека клучно за смртниот исход било труењето, најверојатно со медикаменти. Сепак, на телата на децата се најдени повреди од задушување, па истражувачите се сомневаат дека таткото претходно ги задушувал, а потоа ги отрул. Според тоа, можно е кај некое од децата смртта да настанала поради задушување, а кај другите поради труење.
Во меѓувреме, од болницата откриваат најнови детали околу состојбата на Копиц. Оттаму велат дека неговата состојба сега е стабилна и дека почнал да комуницира со лекарите. Во тек се дополнителни испитувања на неговата здравствена состојба и потоа би требало да биде отпуштен од болницата и однесен пред полициските и судски истражители.
Изјави на соседи и познаници на осомничениот за тројното убиство, Харалд Копиц, се редат во низа.
– Полицијата беше тука цела ноќ, постојано изнесуваа некои работи, веројатно собирале докази. Искрено, и понатаму не можеме да веруваме дека дечињата веќе ги нема и дека никогаш веќе нема да слушнеме гласови и смеење од нивната тераса. Ако во тој човек имало татковска љубов, немало да може да изврши вакво злосторство – изјави една од сосетките.
Изјава даде и една познаничка на Копиц, која рече: „Единствена искрена порака што Копиц ја напиша беше онаа последната. Таа сите ги згрози. Сите статуси и фотографии што ги објавуваше до петокот вечерта воопшто не беа искрени. Важен му беше позитивниот имиџ, особено сакаше сите да видат колку љубов негува кон децата и дека е добар татко. Ги местеше децата за сликање, за заедничките фотографии да бидат прекрасни, а потоа ни ги испраќаше на сите страни. Децата навистина го сакаа, зашто очигледно е дека вешто ги залажувал“.
Новинарите безуспешно се обидуваа да стапат во контакт со семејството на Копиц во Виена. Според она што успеаја да го дознаат, убиецот растел во 16-от виенски реон Отакринг. Соседите, пак, изјавиле дека тој пораснал во просечно австриско семејство, кое со ништо не отскокнувало од другите.
– Згрозени и вџашени сме од овој страшен настан. Сосема е несфатливо сето она што се случи. Семејството е место каде што децата би требало да бидат заштитени. Ова семејство во 2018 г. доаѓаше на советување во Центарот за социјални грижи, во рамките на стандардните постапки во случаи на развод. Двајцата родители спогодбено се договорија за заедничка грижа околу децата и потоа немаше никакви нерегуларности. Центарот не доби ниту една пријава што би укажувала на насилство – како од поединци така и од мајката или која било друга индивидуа – рече во изјавата за медиумите Маргарета Маџериќ, државна секретарка во Министерството за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика.
Се огласи и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, кој помеѓу другото рече: „Секогаш ќе има семејно насилство, но она што е важно е да го има сè помалку. Човековата природа е непредвидлива, насилна, особено кај мажите – кога ќе полудат, кога ќе се напијат, кога се чувствуваат фрустрирано или кога општеството ќе ги отфрли. Оттука се заканува опасноста. Насилните мажи на одредена возраст стануваат опасни за себе и за својата околина“.
Најчитаниот австриски весник „Кронен цајтунг“, пак, напиша дека е можно осомничениот за тројното убиство во последно време да западнал во финансиски проблеми и затоа најверојатно пател од депресија. Весникот објави портрет на осомничениот за убиство на сопствените три деца, притоа делумно покривајќи го неговото лице. Повеќето австриски медиуми известија за незапаметеното злосторство во Загреб, повикувајќи се на извори од загрепската полиција и од хрватските медиуми.
Воопшто австриските медиуми многу време посветуваат на собирањето податоци и откривањето на вистината за тоа кој е всушност Харалд Копиц, кој во Загреб на ужасен начин ги уби своите три деца, седумгодишните близнаци – девојче и момче – и четиригодишното синче. Така, дневниот весник „Хојте“ пишува дека убиецот водел двоен живот. Според податоци добиени од личност што го познавала Копиц, тој, наводно, со години „бил фреквентен“ на виенската „сцена на црвени ламбички“ (проституција), консумирал дрога и изгледал депресивно. Иако на социјалните мрежи се претставувал како татко за пример, според неименуваниот извор, таткото наводно „не ги сакал своите три деца, бидејќи бил опседнат од помислата дека тој не им е биолошки татко“.
– Тој беше опседнат со тоа. Секогаш нагласуваше дека е страшно да се има деца, а во последниве две години постојано со потценување зборуваше за своето семејство. Омразата можеше да се види во неговите очи – изјави за „Хојте“ лице блиско на убиецот. Исто така, весникот ја наведе претпоставката дека таткото ги убил своите деца под влијание на дрога, истакнувајќи притоа дека хрватските власти истражуваат дали 56-годишниот маж за време на злосторството бил под дејство на психоактивни супстанции.
„Хојте“ наедно наведува дека во своето проштално писмо на Фејсбук, Харалд Копиц остро ја нападнал масонската ложа „Браќа на слободните ѕидари“, која одбила да му помогне во врска со работата и финансиските проблеми во кои бил западнат. Весникот ја цитира изјавата на гласноговорникот на оваа масонска ложа, кој рекол дека не го познавал лично Копиц и дека не може да го идентификува како припадник на неговата ложа. Притоа, тој истакнал: „’Слободните ѕидари‘ си помагаат едни на други и тоа само во легални рамки. Сходно на тоа, ништо не може да биде оправдување за убиство, тоа не е во согласност со филозофијата на ’Слободните ѕидари‘“.
Весникот понатаму информира дека оваа масонска ложа целосно се дистанцирала од осомничениот за тројното убиство во Загреб.
„Вечерњи лист“ со сопствена анализа се обиде да одговори на прашањето кој е всушност Харалд Копиц.
– На прв поглед, гледајќи ги сликите што ги ставал на социјалните мрежи, би можело да се заклучи дека во основа се работи за еден угледен бизнисмен. Очилата за сонце на главата, часовникот на раката, вратоврската и совршено испегланиот син костум одат рака под рака со неговиот деловен профил. Познато е дека, помеѓу другите, работел и на некои раководни позиции во австриски угледни компании како „Бош“ и „Алкател“ – пишува весникот.
Роден и пораснат во Виена, тој долго време – речиси една и пол деценија – работел во Хрватска како независен консултант, па честите патувања во оваа земја, деловни или туристички, конечно го поттикнале да се досели во Загреб. Неговите работни активности вклучувале финансиско советување, реструктурирање на разни компании, основање нови и помагање во процесите што се водат кога една компанија презема некоја друга. Во луксузниот стан лоциран во загрепската населба Млинови се доселил пред речиси две години, кога и се отселил од поранешната сопруга, а децата доаѓале кај него претежно за време на викенди.
Многу дилеми и кај психолозите за исцртување на психолошкиот профил на Харалд Копиц
Пред истражувачите и пред стручната јавност се голем број прашалници. Освен дилемата околу директната причина за смрт кај децата, во деновите што следуваат ќе се бараат одговори и на следниве прашања: што го натерало убиецот на вакво злосторство, дали имал сè однапред испланирано, дали бил под дејство на некакви средства што влијаеле на неговата моќ за расудување.
„Дневник.хр“ ја праша за мислење Марина Ајдуковиќ, психолог и професорка на Студиите за социјална работа во рамките на Правниот факултет во Загреб.
– Веќе и самиот факт дека таткото се обидел да се самоубие по убиството на своите деца, секако дека дава индиции за постоење одредени психодијагностички категории, но во овој момент би било неодговорно да се тврди што и да било. Врз основа на првичните информации, злосторството во загрепската населба Млинови спаѓа во доменот на индивидуалната психопатологија – изјави психологот.
„Индекс.хр“ отиде понатаму и побара дел од одговорите кај психијатарот Горан Арбанас, кој изјави дека ниту еден психијатар не може да постави дијагноза врз база на медиумски написи, а без директен разговор со лицето што извршило таков вид тројно убиство. Сепак, докторот рече дека во ваков случај се работи за три ситуации што можат да доведат до ваков ужасен чин.
– Во првата ситуација, еден од родителите го повредува детето најчесто за да му се одмазди на другиот родител – тоа се личности со психопатски црти. Втората ситуација е кога родителот смета дека е во безизлезна ситуација и решава да се самоубие, но притоа смета дека нема излез ни за децата – тоа го нарекуваме проширено самоубиство. Во третата ситуација станува збор за душевно заболена личност, која не знаела што прави, но овие случаи се најретки во практиката. Само од четири до пет отсто од извршителите на вакви убиства се непресметливи – истакнува д-р Арбанас.
Тој додава дека мажите почесто имаат психопатски црти и почесто може да убијат дете заради одмазда, т.е. да го казнат другиот родител (мајката) земајќи ѝ го она што е највредно за неа. Тоа се индивидуи за кои се вели дека имаат антисоцијално нарушување на личноста. Егоистични се, размислуваат само за себеси, а кога сакаат да добијат некаква корист, ќе газат преку трупови. Кога прават кривично дело, немаат грижа на совеста ниту каење, ним не им е жал што го направиле тоа. Таквите лица се склони кон кршење на социјалните норми. Запрашан како доаѓа до проширен суицид, тој е повнимателен во одговорот.
– Нема некој особено специфичен знак што со сигурност би ни навестил дека лицето ќе изврши ваков суицид. Сите овие знаци се неспецифични, може да се забележат над 100 други работи. Но брзите промени во расположението, видливите црни мисли, негледањето перспектива и излез за во иднина – тоа се работи што укажуваат дека лицето има депресивни симптоми. Некои од нив ќе размислуваат за суицид, а малкумина од нив (како во овој случај) ќе извршат проширен суицид – заклучи психологот.