Бизнисменот Сеад Кочан доставил ново барање за одложување на затворската казна, откако Основниот кривичен суд ја одби неговата жалба за одложување на одењето во затвор, предвидено за 17 јули.
– Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции од 1.7.2019 за предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како ‘Труст’, на 12.7.2019 одржа седница и по ценење на фактите и доказите донесе решение со кое ја одби жалбата на обвинетиот и го потврди решението на судија за извршување санкции. Воедно, кај судија за извршување на санкции доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потрбно да се извршат неопходни извиди по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат навремено известени – соопшти Основниот кривичен суд.
Кочан е правосилно осуден на затворска казна од четири години и осум месеци затвор во предметот на СЈО „Труст“. Основниот кривичен суд Скопје првостепено го осуди Кочан на шест години затвор, а Апелациониот суд му ја намали казната.
Осудениот бизнисмен во петокот беше примен на лекување во една приватна болница во Скопје, за што го известил судијата за извршување санкции, барајќи одлагање на извршувањето на казната. Кочан поднел и барање до Врховниот суд за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „Труст“.