Поранешниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски, и уште три други лица нема кривично да одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со изборот на директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, потврдија од Скопското обвинителство.
Кривичната пријава на полицијата била отфрлена бидејќи изминало времето кога Трајановски и останатите можеле кривично да одговараат, односно застарело делото за кривичен прогон.
– Одлуката за избор на директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје е донесена и потпишана на 11.02.2015 година, па согласно тоа застареноста на кривичното гонење за Коце Трајановски кој, извршувајќи ја функцијата градоначалник лично ја донел и потпишал одлуката, настапила на 11.02.2018 година. Застареноста за претседателот и двајца членови на комисијата за спроведување на постапката за избор настапила на 22.01.2018 година, кога изминале три години од дејствијата на пријавените кои го исполнуваат битието на делото – велат од Обвинителството.
Кривичната пријава од СВР-Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје беше доставена во март 2019 година, односно повеќе од една година по истекот на рокот за застареност. Решението за отфрлање било доставено до оштетеното Јавно претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје, кое не се жалело на одлуката. До Скопското обвинителство, СВР-Скопје, преку Бирото за јавна безбедност, Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против четири лица за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.1 од Кривичниот законик, за конкурсот за избор на директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Скопје.
За наведеното кривично дело законодавецот предвидел казна затвор од шест месеци до три години, а според Кривичниот законик, кривичното гонење не може да се преземе ако поминат три години од извршувањето на кривичното дело за кое е предвидена казна затвор над една година.