Скопското основно јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца контролори во Фондот за здравствено осигурување кои од сопственик на приватна ординација побарале и зеле поткуп од 30.000 денари.
Како што информираат од обвинителството, двајцата обвинети службеници поткупот го примиле во ресторан на булеварот „Филип Втори Македонски“ во Скопје, на 23 декември минатата година.
Од 16 до 19 декември минатата година во здравствената установа била извршена мобилна контрола, по што бил изготвен записник во кој биле констатирани неправилности.
– По изготвувањето на записникот, една од контролорите понудила да не биде изречена санкција за болницата, а за возврат побарала парична награда – поткуп во износ од 30.000 денари. Од тој износ по 10.000 денари биле наменети за неа и за нејзиниот колега, како и за уште едно засега непознато лице, исто така контролор во Фондот за здравствено осигурување – информираат од обвинителството.
Вториот обвинет контролор неколкупати телефонски го контактирал сопственикот, повторувајќи му дека треба да ја даде паричната награда за да нема последици за неговата ординација.
Во еден од телефонските разговори тој го договорил времето и местото на средбата во ресторанот за да се изврши примопредавање на побараните парични средства.
Двајцата контролори од Фондот се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Примање поткуп.
Јавниот обвинител до судот доставил предлог со кој побарал продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети поради опасност од бегство, како и можност да го повторат делото.