Фото/Илустрација: Игор Бансколиев

Во текот на тринеделната акција од осми до 28 март, во операцијата насловена „Активирање VI“, се уапсени речиси четири илјади осомничени низ 13 јужноамерикански земји. Пронајдени се околу 200 илјади парчиња недозволено огнено оружје, делови за оружје, муниција и експлозиви. И македонската полиција е во сериозна борба со илегалното оружје, што лесно може да се констатира од речиси секојдневните заплени на оружје од страна на Министерството за внатрешни работи

Илегалната трговија со огнено оружје отсекогаш била „златната кокошка“ на криминалните групи и организации во светот, но и во земјава. Продавајќи илегално оружје на црниот пазар, тоа завршува во рацете на криминалци, поединци, групи, па и големи илегални организации што извршуваат разни криминални, а и терористички дела со нив.
Корона-кризата наместо да го намали ширењето на илегалното оружје и муниција, таа дополнително влијаеше на зголемување на продажбата на илегално оружје, бидејќи продавачите на оружјето се наоѓаа во услови на закочени држави како последица на ковид-19. Се чини дека криминалците што се занимаваат со шверцување оружје се доста инвентивни и креативни во тоа, бидејќи корона-кризата воопшто не влијаеше на нивната работа, туку само им ги измени текот и начините на криминалното работење.

ИНТЕРПОЛ И ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ КООРДИНИРАА АКЦИЈА ЗА ЗАПЛЕНА НА ИЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ

Интерпол и Обединетите нации заеднички координираа полициска акција насочена кон трговијата со огнено оружје низ Јужна Америка, каде што се забележани илјадници парчиња забрането оружје. Акцијата успешно доведе до заплена на огромни количества оружје, апсење на продавачите, но и до откривање на криминалните мрежи и шверцерски патишта за пренос на оружјето.
Во текот на тринеделната акција од осми до 28 март, во операцијата насловена „Активирање VI“, се уапсени речиси четири илјади осомничени низ 13 јужноамерикански земји. Пронајдени се околу 200 илјади парчиња недозволено огнено оружје, делови за оружје, муниција и експлозиви.
На сомнителните локации полицијата изврши претрес на стотици илјади луѓе и возила на воздушните, копнените и водените граници.
Беа реализирани речиси десет илјади проверки од базите на податоци на Интерпол за да се влезе во трага на оружјето и да се идентификуваат потенцијалните врски со организираниот криминал.
Според првичните резултати, во Уругвај биле уапсени членови на банда што користеле социјални медиуми за промоција на насилство, преку објавување фотографии на кои тие се фотографирани со нелегални пиштоли.
Во Перу, пак, полицијата запленила поголемо количество муниција што пристигнала од подрачјето на Бразил – Аргентина – Парагвај, при што биле уапсени двајца бегалци од САД, за кои Интерпол има издадено црвена потерница за злосторства поврзани со дрога. Во Лима, експертите за експлозиви пресретнале и извадиле недетонирани гранати на јавен плоштад, додека, пак, во Чиле е уапсен колумбиски државјанин, за кој исто така Интерпол имал издадено црвена потерница за трговија со огнено оружје и дрога. Во акцијата се откриени 90 илјади парчиња муниција.

– Огненото оружје претставува сериозна закана за безбедноста и стабилноста на Јужна Америка. Затоа, мултиагенциската транснационална соработка е од суштинско значење за идентификување и разбивање на вклучениот организиран криминал и терористички групи – истакна генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток.
Со помош на оваа акција, од рацете на криминалците беа одземени илјадници недозволени оружја, а беа утврдени и врски помеѓу измамнички криминални групи и продажбата на оружје, фалсификување документи, откривање 27 лаборатории за кокаин во Боливија, вклучувајќи и една во регионот Гран Чако, на границата со Парагвај каде што исто така била откриена и камуфлирана авионска писта за мали авиони.
Со акцијата успешно се спасени и животите на 33 лица-жртви на трговија со луѓе, за кои се претпоставува дека се од Хаити. Запленети се 21 тон кокаин, марихуана и други супстанции за производство на дрога.

ИЛЕГАЛНО ОРУЖЈЕ И ВО МАКЕДОНИЈА

Илегалната продажба на огнено оружје не е новитет ниту за македонските полициски служби, што лесно може да се види од секојдневните акции на Министерството за внатрешни работи, во кои се запленуваат поголеми количества разни видови оружје.
Само минатиот месец, полицијата имаше доста работа, откривајќи големи количества илегално оружје.
Пред некаде приближно две недели, полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со ОНТО при СВР-Куманово, по претходно издадени судска наредба, извршија претрес во дом и други простории на 59-годишно лице. Во импровизирана работилница во неговиот дом полицијата пронашла пиштол, два гасни пиштоли, три воздушни пушки, ловна пушка карабин, ловна пушка калибар 16 мм, 180 патрони, 88 куршуми, карабин, цевка од воздушна пушка, кутија со делови од пушки и пиштоли.
Кон крајот на март, пак, во координирана акција на полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и експлозивни материи и Агенцијата за национална безбедност, а по претходно судска наредба од Основен кривичен суд, уапсен беше 47-годишен скопјанец. Во неговиот дом и помошни простории, полицијата пронашла рамка од автоматска пушка со 30 куршуми, ловна пушка, пумпарица, полуавтоматска пушка од југословенско производство и осум ловни патрони.

[email protected]