Клучниот сведок Ресмије Беслимова сведочеше на судењето за случајот „Титаник 3“ преку скајп-комуникација од Германија, на денешното рочиште во Кривичен суд, по повеќе од две години од почетокот на процесот во кој обвинети се пратениците на ДУИ Ејуп Алими и Исмет Гури.
Беслимова била член на изборната комисија во Чаир кога се случиле изборните нерегуларности во 2013 година. Таа сведочеше дека Алими и Гури влегле во канцеларијата на општина Чаир каде што се носеле записниците. А потоа Алими зел дел од записниците и ги сокрил под палтото. Гури и Алими по одредено време ги вратиле записниците, додека таа не реагирала на ваквиот инцидент поради страв.
Судскиот предмет за „Титаник 3”, досега два пати почна од почеток. Обвинението за овој предмет го покрена СЈО, а станува збор за изборни нерегуларности на локалните избори во Општина Чаир во 2013 година.