Поведена е истражна постапка против 21-годишниот жител на Липково кој синоќа, на локалниот пат, возејќи со голема брзина, удрил во двајца пешаци, сопружници, усмртувајќи го мажот (39) и нанесувајќи и повреди на жената.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово со екипа од Министерството за внатрешни работи вчера вечерта изврши увид на местото каде се случи сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице.
Како што соопшти денеска Јавното обвинителство на РМ, несреќата се случила околу 21:30 часот на локалниот пат кој води кон село Слупчане. Осомничениот, 21-годишен жител од Липково, се движел со возило БМВ со кумановски регистарски таблички, кое го управувал без да поседува возачка дозвола. Возејќи со брзина поголема од дозволената, осомничениот удрил директно во двајцата сопружници.
Јавниот обвинител нареди сообраќајно техничко вештачење на возилото, како и прибирање траги од местото на несреќата. Дадена е и Наредба за вршење обдукција на телото на починатиот.
Обвинителството ги презема потребните дејства за утврдување на фактите во предметот.