Поранешниот пратеник Илија Димовски изјави дека наликувало оти собраниската седница од 27 април ќе заврши како и претходните денови, особено по барањето на СДСМ да биде прекината во 18 часот, сведочејќи на судењето за организаторите на настаните од 27 април 2017 година.
Поранешниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за свокувањето, текот и праксата на Конститутивната седница, посочувајќи дека на координацијата не можел да биде постигнат договор за составот на Комисијата за избори и именувања. Тој додаде дека тогашната постапка за избор на претседател на Собранието за него не е валидна и оти во неа се прекршени три члена од Уставот и 26 члена од Деловникот на Собранието
Димовски наведе дека пратениците од СДСМ останале во салата, додека останатите пратеници се подготвувале да ја напуштат.
– Останавме да видиме што ќе се случи. Да, постоеше набој во салата, но пратениците се исконтролираа и не дојде до никаков контакт – рече Димовски.
Димовски рече дека не се сеќава дали имал контакт со Миле Јанакиески или Спиро Ристески, како и дека не се сеќава за официјален став за некаква одлука за движењето „За заедничка Македонија“.
На денешното рочиште, на предлог на одбраната на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, треба да бидат сослушани и пратениците Зоран Илиоски, Лилјана Кузмановска, Благој Деспотовски, Слаѓана Митовска и Весна Пемова.
Случајот се наоѓа во доказна постапка. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.