Основниот суд Скопје 1 изрече уште две пресуди за упад и насилничко однесување во Собранието, во врска со настаните од 27 април минатата година.
В.Ц., кој ја признал вината, е осуден на една година и три месеци затвор, бидејќи му се заканувал на премиерот Зоран Заев, додека во истиот предмет осуден е и Д.П., кој доби двегодишна условна казна за насилството врз пратеникот на ДУИ, Артан Груби. Поповски не смее да го повтори делото во наредните пет години.
Д.П. е упатен и на задолжително психијатриско лекување, бидејќи со вештачење било утврдено дека тој е со битно намалена пресметливост. За В.Ц., пак, остануваат мерките за претпазливост, односно забраната за напуштање на живеалиштето и одземањето на пасошот.
Осудените имаат право на жалба до Апелациониот суд. За крвавиот четврток досега беа досудени девет условни казни, а двајца обвинети признаа вина и добија затворски казни.