Железничкиот сообраќај на релација Скопје – Куманово (Табановци) и во обратен правец е во прекин, поради излизгувањето на вагони од товарен воз на излезната свртница во кумановската железничка станица, што се случи изутрината околу два часот.
Во несреќата на товарниот воз, што се движел на релација Куманово-Скопје, нема повредени лица, но е причинeта материјална штeта.
Како што соопштија од железници, комисијата која е на терен од утринските часови, утврдила дека е направена голема материјална штета на инфраструктурните постројки, пругата, колосеците, електричните столбови, сигнализација, контактна мрежа и оптички кабел. Висината на вкупната штета од овој немил настан, според Комисијата која води истрага за утврдување на причините за несреќата, ќе се знаат по завршување на истрагата.
– Воедно ги демантираме информациите дека железничкиот сообрќај во овој дел на пругата ќе биде во прекин 10 дена. Екипите на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Македонија се мобилизирани и работат вагоните да се тргнат од пруга, и од моментот кога истите ќе бидат тргнати од пруга, за 24 часа ќе ја ставиме во функција оваа железничка линија – се вели во соопштението.