Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, по објавата во јавноста на Решението на Основниот суд Скопје 1 за определување мерка притвор против Миле Јанакиески, категорично одбива каква било инволвираност во врска со донесената судска одлука.
– Ја информираме јавноста дека ниту е побарана, ниту одржана средба со посредник на Миле Јанакиески, како што е наведено во службената белешка на УБК, класифицирана „строго доверливо“, а која е основ за определување на мерката притвор. Миле Јанакиески телефонски побара средба со претседателот Иванов која е одржана во вторникот во 16 часот, во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. На средбата, воопшто не беа дискутирани темите амнестија, на која се повикува судот во решението за притвор, која е во надлежност на Собранието на Република Македонија, ниту пак темата аболиција – се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов.
Сметаме, посочуваат од Кабинетот на Иванов, дека станува збор за конструкција на лаги врз основа на претпоставки со цел да се инволвира Претседателот на Република Македонија, видливо од јавно објавеното образложение на решението на Судот.
– Сето ова претставува груба полициска манипулација и инволвирање на полициски службеници со што се извршени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување, фалсификување на исправа, употреба на исправа со невистинита содржина. Останува нејасно, врз основа на што се следат активностите на претседателот Иванов и неговиот Кабинет од страна на УБК? – се наведува во соопштението.
Од Кабинетот на Иванов очекуваат итни одговори од министерот за внатрешни работи, од директорот на УБК, од претседателот на Основниот суд Скопје 1 на дописите од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија коишто беа испратени денеска.
-Очигледно е дека продолжува практиката на конструкции и генерирање на кризи во македонското општество од неодговорно однесување на припадници на УБК, нешто што претседателот Иванов го потенцираше во годишното обраќање до пратениците во 2017 година. Претседателот Иванов, како и досега, ќе постапува исклучиво согласно Уставот на Република Македонија и неговите надлежности и со никакви притисоци и закани нема да отстапи од тоа, се посочува во соопштението од Кабинетот на Иванов.