Со сопругот, кој е странец, пред некој ден возевме од Деве Баир кон Скопје и по пат видовме двајца возачи како од прозорецот на возилата фрлаат запалена догорена цигара, како да е најнормална работа! Потоа почнавме да ги „загледуваме“ сите по патот за кои можевме да видиме што прават. Што забележивме? Од Скопје до Охрид, преку Кичево, видовме уште двајца, а на враќање од Охрид кон Скопје, преку Дебар, уште четири такви случаи, кои или си тресеа пепел преку прозорецот или ги фрлаа допушените цигари. А вие се чудите од каде пожари?! Да се пушти една цивилен необележен полициски автомобил да ги снима ваквите неодговорни типови, да ги казни, да ги објави во централните вести, па можеби ќе има ефект и ќе се спасат Македонија и жителите, но и ќе се заштеди на непотребни трошоци, ни напиша Нети

СКОПЈЕ СЕ МАЧИ СО ЛАЖНИ ПРИЈАВУВАЧИ, МВР ГИ АПСИ ПИРОМАНИТЕ, А ТУРИСТИ ГИ РЕГИСТРИРААТ НЕМАРНИТЕ ПУШАЧИ

Целата земја се соочува со исклучително тежок период, во кој од сите страни демнат и пустошат пожари. Се нанесува непроценлива штета по природата, но и по здравјето на граѓаните што живеат на локациите што се во непосредна близина на огнените стихии. И во вакви услови на криза, во која четворицата јавачи на пожарите (ветер, суво време, високи температури и сува почва) владеат во земјава, кога земјава трпи исклучително големи и тешки последици, Министерството за внатрешни работи ги апси пироманите за кои постои сомнение дека се причинители на пожарите, а градските власти информираат за лажни пријави на пожари во главниот град. До нашата редакција пристигнаа и сведоштва од туристи за крајно несоодветното однесување на возачите пушачи на патиштата низ земјава, кои во возење од прозорецот од автомобилот ги фрлаат догорчињата и ги тресат своите цигари.

РЕАКЦИЈА НА ДОБРОНАМЕРНИ ТУРИСТИ

Посетители на Македонија што се со потекло оттука, но кои со години живеат во странство испратија до нашата редакција сведоштва за крајно несоодветното патување на регионалните патишта и автопатиштата низ земјава.
– Туристка сум во Македонија. Одамна сум странец, но со потекло од тука. Со сопругот, кој е странец, пред некој ден возевме од Деве Баир кон Скопје и по пат видовме двајца возачи како од прозорецот на возилата фрлаат запалена догорена цигара, како да е најнормална работа! Потоа почнавме да ги „загледуваме“ сите по патот за кои можевме да видиме што прават. Па, така, од Скопје до Охрид, преку Кичево, видовме уште двајца, а на враќање од Охрид кон Скопје, преку Дебар, уште четири такви случаи, кои или си тресеа пепел преку прозорецот, или ги фрлаа запалени допушените цигари. А вие се чудите од каде пожари. Да се пушти еден цивилен необележен полициски автомобил да ги снима ваквите типови, да ги казни, а казните и лицата да ги објави во централните вести, па можеби ќе има ефект и ќе се спасат Македонија и жителите, но и ќе се заштеди на непотребни трошоци – ни напиша Нети.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека овој проблем нормативно е регулиран во Законот за јавна чистота, кој првпат е донесен во 2008 година и кој со последните измени од 2020 година (примарно во намалување на висината на казните и негово усогласување со Законот за инспекциски надзор, како и Законот за прекршоци) е под директна ингеренција на Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Министерството за внатрешни работи, во согласност со делот од одредбите на овој закон што се однесуваат на санкциите, има обврска преку униформираните полициски службеници да евидентира и изрекува сторен прекршок (членот 38 од ЗЈЧ), и тоа поврзано со прекршување на членовите: 29, 32, 33-а, 34 и 35 од истиот закон. Следствено на тоа, натамошното нормативно развивање на законската материја, а во насока на поинтензивно превенирање на заштитата на животната средина и издигање на јавната свест независно на предметниот контекст е во целосна надлежност на МЖСПП – информираат од МВР.

ГЛАВНИОТ ГРАД НА МАКА СО ЛАЖНИ ПРИЈАВУВАЧИ

Во услови кога пожари ни се случуваат насекаде, а пожарникарите и жителите на засегнатите места не можат да здивнат од борбите со пламените јазици, се чини дека на некои граѓани целата ситуација им претставува забава и оти уживаат во неа до тој степен што го окупираат телефонскиот број 193 за пријавување пожари и лажно пријавуваат измислени пожари.
Петокот беше исклучително тежок ден за екипите на Противпожарната бригада на Скопје, кои имаа 22 интервенции на територијата на Скопје.
– Најголем дел интервенции беа за запалена трева, а поголем пожар се случи во фабриката ОХИС. Сите пожари се изгаснати, а на локациите се интервенираше со повеќе возила и пожарникари – информираат градските власти.
За среќа, во метрополата сега за сега нема посериозни пожари, иако состојбата многу брзо се менува.
– За жал, треба да се напомене дека во време кога низ целата земја се соочуваме со голем број пожари, кои нанесуваат голема материјална штета, како и непроценлива штета на флората и на фауната, а имаме и човечки жртви, во текот на петти август имавме и седум лажни пријави на пожари. Апелираме сите граѓани во овие тешки времиња да се однесуваат одговорно и да не го злоупотребуваат телефонскиот број 193, бидејќи во случаи со пожар секоја секунда е важна и може да загрози или да спаси нечиј живот – потенцираат градските власти.

СЕ ЛИШУВААТ ОД СЛОБОДА ПИРОМАНИ

Заклучно со петочната статистика на Министерството за внатрешни работи, приведени се петмина осомничени за подметнување пожари.
На петти август беше приведено петтото лице што е осомничено за подметнување на пожарот во селото Добридол, Гостиварско, кој беше локализиран.
– Полициски службеници од ОВР-Гостивар го лишиле од слобода Н.Б. (34) од истото село. Поради постоење на основано сомнение дека го предизвикал пожарот, Н.Б. е приведен, а по целосното расчистување и документирање на случајот ќе следува соодветна пријава. Ова е петто приведено лице во врска со сомненија за предизвикување пожар – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека изминатите денови било приведено по едно лице за пожарите во Прилепско и Радовишко и за пожар во Ресенско, а на 4.8.2021 бил лишен од слобода жител на Република Албанија, со иницијали Л.А. (32), кој бил со илегален престој во државата, за пожарот над селото Пожаране, Општина Врапчиште.
Во меѓувреме, полициски службеници постапуваат и во врска со двете осомничени лица за пожарот кај Блаце и во координација со јавен обвинител за пожарот кај Старо Нагоричане – велат од МВР.

ШТО Е ПРЕДВИДЕНО ВО КРИВИЧНИОТ ЗАКОНИК ЗА ОВА КРИВИЧНО ДЕЛО

Според членот 227 од Законот за кривична постапка, насловен „Предизвикување шумски пожар“, за оние што предизвикуваат шумски пожари следува затворска казна од една до десет години.
(1) Тој што ќе предизвика шумски пожар, па поради тоа ќе настане штета од поголеми размери, ќе се казни со затвор од една од десет години.
(2) Со казната од став 1 ќе се казни и тој што ќе предизвика пожар во заштитена шума, национален парк или во друга шума со специјална намена.
(3) Тој што ќе предизвика два или повеќе шумски пожари ќе се казни со затвор најмалку три години.
(4) Ако делото од ставовите 1 и 2 е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

[email protected]