Полицијата синоќа околу 1 часот по полноќ заплени дрога вредна околу 200.000 евра во камион на патот Прилеп-Градско. Според информациите на МВР, дрогата требало да биде пренесена во Грција, а приведено е едно лице.
– Од страна на сообраќајна патрола од ОВР Прилеп околу 1 часот на регионалниот пат Прилеп-Градско, во близина на бензинска станица, било сопрено товарно моторно возило „ман“ со албански регистерски таблички, управувано од Б.Ј. (40) државјанин на Р.Албанија. При контролата, од страна на албанскиот државјанин на полициските службеници им биле понудени пари за да не извршат службени дејствија за контрола на возачот и возилото. Од страна на полициските службеници извршена е контрола, при што во приколката се пронајдени две големи торби во кои биле сместени 50 пакувања со марихуана во вкупна тежина од околу 50 килограми. Проценетата вредност на дрогата е околу 200.000 евра. Возачот е лишен од слобода и во текот на денот со кривична пријава ќе биде предаден на ОЈО Прилеп – соопшти портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Тој најави дека МВР продолжува со интензивни мерки и активности за сузбивање на нелегалната трговија со дрога, како и на другите видови криминал.