Судијката Марија Клетничка даде нова пауза до 14 часот, во која, шефицата на СЈО, во оставка, Катица Јанева треба да одлучи дали ќе ги изземе обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски од застапување во предметот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал.
Предлогот на адвокатот на Исмет Гури, Еленко Миланов, за изземање и на шефицата на СЈО, Катица Јанева, судијката го отфрли како неоснован.
Предлозите за изземање на обвинителите до судот утрово ги поднесе Миланов, по што беше дадена пауза.
Во третиот „Титаник“ на СЈО обвинети се пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими, и Исмет Гури, заменик директорот на УЈП Скопје. Како членови на општинската изборна комисија во Чаир на локалните избори во 2013 година уништиле изборен материјал.
Според обвинението, Аљими и Гури влијаеле директно врз изборниот резултат и ја фалсификувале изборната волја на граѓаните на Чаир за да остварат политичка моќ. Првото рочиште за предметот се одржа на 16 март 2018 година.
Предметот е пред завршни зборови и пресуда.