Триесет и едногодишна жена од Косово вчера се удавила во реката Треска во Сарај. Како што соопшти МВР, се работи за М.Ц. од Приштина која била на гости кај сестра и во Скопје.
Двете сестри шетале покрај Треска, а несреќниот настан се случил кога М.Ц се лизнала и паднала во водата.
Граѓанин вчера во 16:55 часот телефонски пријавил во Единицата за информации и команда-Скопје дека во водите на Треска во Сарај, во непосредна близина на угостителски објект, забележал женско лице како се дави и бара помош.
– Од страна на граѓани жената била извадена на брегот и, според пријавата на граѓанинот, се уште давала знаци на живот. Но, кога пристигнала Итна медицинска помош, доктор констатирал смрт, соопшти МВР.
Јавен обвинител и екипа од СВР-Скопје извршиле увид, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатата е предадено за обдукција во Институтот за судска медицина.