Фото: Игор Бансколиев

Македонија е една од земјите што имаат голем проблем со илегална сеча на дрва. Заработувачката на пари на црниот пазар преку оваа форма на криминал во овој доцен летен и есенски период „цути“. Илегално исечените дрва се продаваат во многу поголем обем, а со многу помала цена од онаа што е легално утврдена на пазарот. Во обидот да заштедиме, во услови кога пандемијата ја намалува нашата финансиската моќ, ние воопшто не размислуваме за тоа дека самите ние придонесуваме за пустошење на шумите, а со тоа и за упропастување на целокупната животна средина

Брутално пустошење на шумите за поевтино огревно дрво

Со почетокот на есента почнува и сѐ поинтензивната набавка на дрва за огрев. Со тоа почнува да се забележува и зголемен број случаи каде што полицијата открива дрвокрадство. Македонија е една од земјите што имаат голем проблем со илегална сеча на дрва. Заработувачката на пари на црниот пазар преку оваа форма на криминал во овој период „цути“, а илегално исечените дрва се продаваат во многу поголем обем, а со многу помала цена од онаа што е легално утврдена на пазарот. Граѓаните во обидот да заштедат, во услови кога пандемијата ја намалува нивната финансиска моќ, воопшто не размислуваат за тоа дека придонесуваат за пустошење на шумите, а со тоа и за упропастување на целокупната животна средина.

ЗА ОСУМ МЕСЕЦИ, 129 СТОРИТЕЛИ

Факт е дека дрвокрадството и илегалната сеча на дрва се можеби еден од најголемите проблеми на властите во светот, па и во земјава. За жал, никако не може да му се стави крај на овој црн бизнис, бидејќи дрвокрадците успешно сечат дрва во густите шуми, каде што тешко може да се забележат.
За растечкиот црн бизнис виновни сме и ние граѓаните, исто толку колку и криминалците, бидејќи со набавувањето на дрвата се нарушува целокупниот биодиверзитет, како и целокупната заедница, бидејќи шумите не се само декор на планинските предели.
Освен што дрвокрадците ги нудат дрвата по драстично пониска цена од онаа што е утврдена на пазарот, тие честопати и ги мамат граѓаните, им земаат пари, а дрва никогаш не им доставуваат, а доста често знаат да бидат и агресивни со полициските службеници доколку бидат фатени како го извршуваат делото.
Само оваа 2021 година, заклучно со август, Министерството за внатрешни работи поднело 76 кривични пријави за сторени 88 кривични дела, за кои, пак, биле пријавени 129 сторители.
– Од нив, три се правни субјекти, а евидентирана е бесправна сеча на дрвна маса во количество од 1.057,7 кубни метри. Подрачја каде што најмногу е евидентирана бесправна сеча во 2021 година се СВР-Охрид, 33 случаи, и СВР-Куманово, 20 случаи – информираат од МВР.
Минатата година, пак, 178 сторители на кражба на дрвна маса направиле финансиска штета на државата за повеќе од 25 милиони денари.
На осми месецов, полициските службеници од СВР-Штип, во содејство со шумската полиција и претставници од национални шуми „Серта“-Штип, презедоа мерки за спречување на бесправната сеча и транспорт на огревни дрва, при што по извршена опсервација на подрачјето на селата Шашаварлија, Никоман, Калапетровци, Кошево и Почивало биле пронајдени и одземени пет моторни возила натоварени со бесправно исечени огревни дрва, а при прегледот на терен биле пронајдени и одземени три моторни пили и еден мобилен телефон. Увид на местото извршила увидна екипа на СВР-Штип. Одземените возила и бесправно исечените дрва ѝ биле предадени на шумската полиција за понатамошна постапка. За настанот е запознаен јавен обвинител, а по целосното комплетирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

ДОСТАВА ДО ДОМА САМО НА МЕСТА СО НАМАЛЕНО ПОЛИЦИСКО ПРИСУСТВО

Ако се гледа од малку поширок агол на целокупната состојба со кражбата на дрва, лесно може да се заклучи дека граѓаните, сепак, се соучесници во овие кривични дела, бидејќи во обид да заштедат, набавуваат илегално пресечени дрва. Некои велат дека во услови на беспарица, кога секој денар е добредојден, воопшто не се загрижени дека со нивната набавка на бесправно исечени дрва ќе направат некоја штета, односно не веруваат дека токму тие се причината за уништувањето на природата и за евентуална причина за природни катастрофи.
– Како може моите четири кубици дрва што ги трошам целата зима, да бидат причина за некаква штета? Јас сум самохрана мајка, немам услови да набавувам по пазарна цена. Живеам во Ракотинци и тука имаме многу доставувачи на дрва. Најверојатно ги сечат тука, од планината, и ги доставуваат до нас. Ако реално цената што треба да ја платам за дрвата е 12-13 илјади денари, јас вака плаќам девет илјади денари. Замислете со моите три деца колку значат тие четири илјади денари – вели Снежана Крстевска.
Граѓаните од скопските општини, пак, велат дека не се ни осмелуваат да набават вакви дрва, иако цената за кубик дрва е доста попримамлива.
– Живеам во Бутел, имам пријатели што набавуваат дрва од разни доставувачи, но доставувачите не се осмелуваат да ми ги донесат дотука. Страв им е бидејќи во градот има зголемено присуство на полиција. Работат само во околината на Водно и Скопска Црна Гора, Сарај, Драчево, Идризово, каде што фреквенцијата на полицијата е многу помала. Ми велат да ми ги остават дрвата кај пријателите, па сам да се снаоѓам, но, сепак, не можам да го преземам тој ризик – вели Дамјан Ивановски.

ПРЕДИЗВИК ЗА ИНТЕРПОЛ

Дека илегалната сеча на дрва е сериозен и голем проблем говори и фактот со многубројните акции што редовно ги реализираат полициските власти со Интерпол за сузбивање на овој вид криминал против природата.
Минатогодишната акција на Интерпол, насловена „Гром“, на полициските власти им одзеде цел месец додека да ги откријат сите канали и криминалци во овој црн бизнис. Во акцијата беа откриени повеќе од две илјади запленети шумски животински видови и растенија.
Само во Индија царината успеала да пресретне и заплени 18 тони сандалово дрво подготвено за испорака. Исто така, откриени се и 950 тони дрвна граѓа и 15.878 шумски растенија, а повеќе од 45.500 животни и растенија се спасени за време на операцијата.
– Шумскиот криминал, како и криминалот кон шумските животни, е еден од најголемите илегални бизниси во светот, кој има сериозни последици не само по околината туку и по општеството, јавното здравје и глобалната економија – истакна тогаш Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.
Тој нагласи дека овој криминал најчесто оди рака под рака со затајување данок, корупција, перење пари, па дури и убиства, а криминалните групи за шверц ги користат истите траси како и за шверц на оружје, дрога и други илегални производи.