Успешна акција на полицијата

Запленети повеќе од две илјади килограми стаклена јагула. Поради зголемениот шверц со овој вид риба, Европол организира низа операции за негово спречување. Таквиот вид шверц носи добри профити

Шверцот на рибата позната под името стаклена јагула е една од помалку познатите криминални операции што се реализираат на штета на животната средина во Европа. Операцијата „Езеро“, која се реализира од страна на Европол, почна во 2016 година, само со четири држави, за да се заштити овој загрозен вид. Годинава на оваа акција ѝ се придружија уште 15 држави од европското тло. Изминатите години популацијата на јагулите е намалена речиси за 90 проценти, а властите, со активностите што ги спроведуваат, се обидуваат да го спречат нејзиното целосно исчезнување. Во оваа акција се вклучи и македонската полиција, бидејќи охридската јагула исто така е на нишан на риболовците.

Акцијата, која беше поттик за сите членки и поддржувачи на Европската Унија, а која се однесуваше на спречување на криминалот поврзан со уништување на животната средина, заврши со одлични резултати. Целта на акцијата е да се спречат криминални организации и поединци што се вмешани во илегални активности, како што е криминал поврзан со природата и нејзините жители, нивно шверцување, перење пари, избегнување оданочување, како и избегнување проверка за легално поседување на заштитените видови животни и риби.

Оваа операција, всушност, не е прва што ја организира Европол. Станува збор за четврто продолжение на акцијата насловена „Езеро“, кое траеше од октомври 2019 година до април 2020 година. Во неа беа вклучени голем број организации и полициски власти од 19 земји во Европа, меѓу кои се и Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, Франција, Грузија, Германија, Италија и други земји.
Резултатот од акцијата е апсење на 108 осомничени шверцери, заплена на 2.013 килограми шверцувана стаклена јагула, со проценета вредност од 6,2 милиони евра. Спасените јагули се вратени во нивните природни живеалишта, за да се заштитат и да продолжат да живеат заедно со јагулите од нивниот вид.

Годинешната операција стана предизвик за полицијата, бидејќи нелегалниот риболов зеде поголем замав откако почна пандемијата со коронавирусот, почнувајќи од Кина. Поради окупираноста на целиот свет со справувањето со пандемијата, нелегалните рибари успешно изработија патека и се поврзаа меѓусебно од Европа до Азија.
Резултатите од акцијата и истрагите поврзани со стаклената јагула и нејзиното шверцување беа интензивно почнати во февруари годинава, кога беа преземени 6.560 акции во зоните за риболов, пристаништата, аеродромите и патиштата, што, пак, доведе до откривање и запленување на 320 килограми шверцувани видови, проценети на околу 490 илјади евра.

Француските власти, полицијата, царината и централната канцеларија за борба против криминалот против животната средина уапсија 26 лица инволвирани во шверцување заштитени видови. Италија, пак, заплени 550 килограми јагула за целиот период додека траеше акцијата. За време на неделата кога се реализираше, италијанските служби во координација со царинските власти на аеродромите и на другите места успеаја да извршат заплена на заштитените видови.

Дваесет и три лица беа уапсени, а 62 лица се осомничени за уништување на животната средина, од страна на властите во Португалија. Тие запленија стотици килограми јагула, односно царината заплени околу 200 килограми. Една од позначајните заплени се реализира во Порто, Брага и Авеиро, каде што полицијата заплени 400 килограми јагула, со вредност од два милиони евра. Португалската полиција исто така успешно откри и затвори два објекта. Во едниот се произведувала илегална опрема за рибарење, а во другиот се вршела подготовка на недозволен воздушен транспорт на овие заштитени видови.

Шведската полиција, пак, успешно запрела пратка од десет килограми јагула кон Норвешка. Извршените ДНК-тестови над јагулата покажале дека таа е со потекло од Јапонија, а не од Европа. Од осумдесет и едно лице биле запленети повеќе од 722 килограми јагула од страна на шпанските власти. Уапсени се 56 шверцери, во повеќе од две илјади реализирани акции од страна на полицијата и царината на Шпанија.
Ова е четврти пат експертските тимови за криминал против животната средина да се координираат против шверцот на јагули, за да реализираат успешни акции на терен. Од 1974 година, секоја година, во знак на заштитата на животната средина, Европол реализира акција посветена на сузбивање на криминалот насочен кон нејзиното уништување и на живиот свет во неа.


Шверц и низ Македонија

Минатата година во април Министерството за внатрешни работи информира дека СВР-Куманово поднело кривична пријава до надлежното јавно обвинителство против Л.Х. (44) од Народна Република Кина, со живеалиште во Кралство Шпанија, В.В.М. (54) од Република Бугарија, Ј.П. (38) од Народна Република Кина, со живеалиште во Софија, Р. Бугарија, против С.П. (41) од селото Режановце, Кумановско, и против И.А. (44) од Крива Паланка, вработен во Царинската управа на Македонија, граничен премин Деве Баир, поради постоење основи на сомнение за Л.Х. за сторено кривично дело шверцување и злосторничко здружување.

Л.Х. формирал криминална група за шверцување недозволени стоки и противправно набавил поголемо количество стаклена јагула, која е редок подмладок на јагулите и претставува загрозен вид во Европа. Tранспортот на стаклената јагула требало да се изврши на релацијата Софија – меѓународен аеродром Скопје до Куала Лумпур, Малезија, каде што како купувач се појавува лице по име С.Н. од Малезија.

Л.Х. набавил 60 килограми подмладок од стаклена јагула, во вредност од 90.000 до 120.000 евра, спакувана во 42 најлонски ќеси со компресирен кислород, кои ги сместил во седум големи патни торби. J.П. набавил парични средства во кеш во износ од 10.000 евра во противвредност на бугарски левови, по што на 3.4.2019 година Л.Х., В.В.М. и Ј.П. ги натовариле патните торби со стаклена јагула во комбе „мерцедес“ со бугарска национална ознака. Откако обезбедиле авионски билет за патување за В.В.М. на релацијата Скопје – Истанбул – Куала Лумпур, заминале за Скопје. На граничниот премин Деве Баир ги чекал С.П., кој имал задача да обезбеди непречен премин при царинска контрола на македонска страна. По пристигнување на царинска контрола кај И.А., тој без задржување ги пуштил да го напуштат граничниот премин без царинска контрола на багажот.

Подоцна, на магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка – Куманово нивното возило било запрено од полициска патрола. При прегледот на возилото биле пронајдени седумте куфери со стаклена јагула, по што лицата биле приведени во СВР-Куманово.
Нема информации кој бил конечниот епилог од овој необичен криминален чин.

[email protected]