Изминатиот период имаше голем број измами во кои познати македонски брендови беа користени за да се дојде до личните податоци на граѓаните и до нивните сметки, за да можат криминалците да дојдат до нивните финансиски средства. Не е помал бројот ниту на измамите направени со продажба на производи за кои се бараше плаќање однапред, а производите никогаш не стигнаа до купувачите
Како до побезбедна е-трговија
Неспорен е фактот дека граѓаните масовно ги префрлија своите активности на социјалните мрежи, воопшто на интернет, бидејќи со еден клик од удобноста на својот дом можат да купат производи што им се допаѓаат, да ги платат своите сметки, а и да работат од своите домови. Сепак, сето тоа нашироко ги отвори вратите за сајбер-криминалците да можат да ги планираат своите криминални дела и активности за нелегална заработка на уште полесен начин, бидејќи практиката досега покажа дека многу е полесно да се заработуваат пари на сметка на измамени граѓани, кои многу лесно наседнуваат на триковите на сајбер-криминалците.
ЕВРОПОЛ ВО АКЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА Е-БИЗНИСИТЕ
Дури и да не станува збор за професионални сајбер-криминалци, оние што сакаат брзо, лесно и нелегално да заработат, многу лесно можат да го направат тоа. Доволно е да отворат профил на социјалните мрежи и да продаваат производи по пристапни цени, за кои знаат дека граѓаните ќе наседнат, бидејќи секој сака да купи евтин производ, кој ќе му биде донесен до домашната адреса.
Изминатиот период имаше голем број измами во кои познати македонски брендови беа користени за да се дојде до личните податоци на граѓаните и до нивните сметки, за криминалците да можат да дојдат до нивните финансиски средства. Не е помал бројот ниту на измамите направени со продажба на производи за кои се бараше плаќање однапред, а производите никогаш не стигнаа до купувачите.
За таа цел и заштита на продавачите, но и на купувачите, Европол лансира кампања со која се апелира до продавачите, кои изминатиот период беа цел на сајбер-криминал со кражба на нивните логоа, на повнимателно продавање, како и купување од страна на купувачите.
– Со почнувањето на пандемијата, голем број компании мораа да се ориентираат кон онлајн продажба за да го продолжат постоењето на својот бизнис. Граѓаните сѐ повеќе ги користат интернетот и интернет-сервисите, па сето тоа претставува поголема шанса за напад од страна на сајбер-криминалците. И покрај многубројните методи за заштита со имплементирање нови технологии, криминалците сепак наоѓаат начини да ги украдат парите на онлајн продавачите – информираат од Европол.
За таа цел, Европол ја лансира оваа кампања, под хаштагот „продавај безбедно“, за да се издигне свеста кај бизнис-секторот за безбедно интернет-продавање.
КУПУВАЈ БЕЗБЕДНО И ВО МАКЕДОНИЈА
И Македонија е дел од кампањата за безбедна интернет-продажба на Европол.
Министерството за внатрешни работи преку Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во соработка со Европол, се вклучи во годинешната кампања за издигнување на свеста за безбедно купување преку интернет, која започна вчера, а во која учествуваат органите за спроведување на законот од 16 земји, кои се здружија со Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол и Советот заштита на трговците од ризик (Merchant Risk Council), за да споделат практичен совет како да се надмудрат криминалците што се обидуваат да го злоупотребат купувањето преку интернет.
Фактот што интернет-продажбата допрва ќе порасне, поради претстојните новогодишни и божиќни празници, беше причина плус за голем број држави да ја поддржат оваа кампања. Дополнително, атрактивниот „црн петок“, кога граѓаните сакаат да купат производи по значително поевтини цени, а продавачите, нормално, сакаат да остварат екстра-профит од продажбата, е причина плус, бидејќи граѓаните најмногу сакаат да „ловат“ евтини производи на интернет и да ги купуваат.
– Лесниот дизајн на веб-страниците, зголемениот сообраќај на социјалните мрежи и практичноста направија купувањето и продавањето производи преку интернет да биде столб на модерното шопинг-искуство. Пандемијата на ковид-19 натера уште повеќе купувачи да го користат интернетот за купување. За бизнисите, овој тренд истовремено претставува предизвик и значајни можности. Поголемата продажба и поголемиот сообраќај значат и поголем приход. Но исто така значат и позачестени измами, бидејќи криминалците имаат уште повеќе можности да украдат како од потрошувачите, така и од трговците – велат од МВР.
Како да го заштитите е-бизнисот?
Огромен е предизвикот да се води е-бизнис, кој ќе се занимава со интернет-продажба, бидејќи бројката на интернет-продавници и продавачи воопшто не е мала. Пробивањето низ тој лавиринт е доста голем предизвик и тежок и трнлив пат за сопствениците на бизнис.
Не е предизвик само пробивањето на бизнисот туку и заштитата, бидејќи успешните бизнис-компании се соочија со најголеми проблеми што им ги предизвикаа сајбер-криминалците, за што „Нова Македонија“ пишуваше во многу наврати досега.
Издвојуваме неколку стручни совети од Европскиот центар за компјутерски криминал на Европол за тоа како најдобро правните лица да ги заштитат своите е-бизниси.
·Знајте го вашиот производ: некои производи се поризични за продажба од други. На пример, продажбата на мали предмети што лесно може да се препродадат и за кои веќе постои побарувачка е поризична од продажбата на лично дизајнирани предмети.
·Запознајте го вашиот клиент: ако прифаќате плаќања со картички и им испраќате вредни предмети на клиентите, нели би сакале да знаете кому му ги испраќате?
·Воспоставете безбеден начин на плаќање: вашиот картичен процесор може да ве советува. Избирањето безбеден начин за плаќање ќе го ограничи ризикот од измама.
·Користете сигурна служба за испорака: изберете метод на испорака со кој ќе бидете сигурни дека со вашата стока професионално ќе се ракува и дека нема да има побарувања поврзани со неиспорака.