Тројца обвинети во случајот „Монструм“ се осудени на доживотен затвор, двајца на девет и на 15 години, а еден е ослободен. Вака заврши второто судење за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се осудени за тероризам на доживотен затвор. Првите двајца се во бегство во Косово.
Хаки Азири е осуден на девет години затвор за помагање, а за истото кривично дело е осуден и Фејзи Азири кој доби 15 години затвор.
Сами Љута доби ослободителна пресуда поради немање докази за негова вмешаност во убиството.
Ова е втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Врховниот суд во 2017 година ги усвои жалбите на обвинетите и го врати случајот на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба.
Предметот се врати на почеток, а го презеде тогашното специјално јавно обвинителство (СЈО) поради тоа што постоеја прислушувани разговори поврзани со предметот. Обвинителката Фатиме Фетаи во завршните зборови кажа дека генерално „бомбите“ не откриле некоја нова вистина за случајот.
Во петкратното убиство што се случи во пресрет на Велигден беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 21 година од населбата Радишани: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од селото Црешево.