Поранешниот министер за земјоделиство и актуелен пратеник во Собранието Љупчо Димовски си замина со приватно возило по распитот во Кривичниот суд во Скопје, во врска со доделување на земјоделска помош и давање под закуп државно земјоделско земјиште.
Во Кривичниот суд, судија на претходна постапка сè уште одлучува по предлогот на надлежен јавен обвинител за определување мерка притвор за тројца од четворицата поранешни министри и заменици министри за земјоделство осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување со што предизвикале штета од над 1,4 милиони евра на Буџетот.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција претходно информира дека четворицата во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп.
– Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра)., информираат од Јавното обвинителство на Република Македонија, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во соопштението од Обвинителството не е навден идентитетот на осомничените, но дел од медиумите објавија дека станува збор за поранешните министри Ацо Спасеновски, Михаил Цветков, Љупчо Димовски, како и поранешниот заменик министер Кристијан Делев.