Дете загина во пожарот кој избувна во станбена зграда во Гостивар. Детето било извадено од опожарениот стан, каде им подлегнало на повредите. Тоа е пренесено во Општата болница во Гостивар, а обидите за реанимација биле неуспешни.
Со тешки повреди се здобила жена над 30 години, на која и’ се укажува помош во болницата.
– Првичните информации се дека во 8 часот утрово во СВР Тетово е пријавено дека во стан на трети кат во Гостивар избувнал пожар. Како последица на пожарот две лица имале сериозни здравствени потешкотии, пренесени се во општата болница во Гостивар, при што е констатирано дека едно од двете лица, малолетно, починало. На лице место е јавен обвинител и СВР Тетово. Со интервенција на противпожарната единица пожарот е локализиран. Ќе се утврдуваат причините – велат од СВР Тетово.
Дежурниот пожарникар Изет Изети изјави дека непосредно по пријавата за пожар, на терен излегле со две возила и за половина час го локализирале пожарот. Првичните сознанија се дека пожарот се појавил во една од собите на станот во кој престојувало повеќечлено семејство.