Министерството за внатрешни работи до скопското Основно јавно обвинителство денеска поднесе две кривични пријави со кои се опфатени вкупно 11 лица за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување, а во однос на издавањето пасоши со лажен идентитет.
Притоа 10 од осомничените се вработени во МВР во службите за издавање пасоши, додека едно лице, како поттикнувач, посредувало при незаконското издавање на документите.
Со двете поднесени кривични пријави опфатени се вкупно 219 незаконски издадени пасоши.
Првата кривична пријава се однесува на 215 незаконски издадени пасоши, при што осомничените им овозможиле на странски државјани да се стекнат со македонски пасош под туѓ, македонски идентитет, а со фотографија од лицето на кое му била издадена патната исправа.
Притоа се користел идентитет на лица кои живеат во дијаспората.
Со втората пријава, пак, се опфатени 4 незаконски издадени пасоши при што искористени биле повеќе матични броеви издадени на 1 лице, кои не биле опфатени со постапка за нивно поништување, со цел да се креира нов идентитет, кој потоа со фотографија од лицето кое бара пасош бил употребен за да се издадат нови незаконски патни исправи.
Постапувајќи по двете кривични пријави, Обвинителството достави предлог за определување мерка притвор против осум лица, од кои едно е недостапно на органите, додека против две лица е поднесен предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, обврска повремено да се јавуваат кај службено лице, привремено одземање на пасош и забрана за преземање работни активности поврзани со кривичното дело.
Еден од осомничените, пак, веќе се наоѓа во притвор по претходен предмет за незаконско издавање возачки дозволи.